Од 1 јануари 2019 година бесплатно болничко лекување за сите граѓани, најави премиерот Зоран Заев на денешната седница за пратенички прашања.
– Истовремено таргет што е поставен пред нас во здравството е од 1 јануари 2019 година да воведеме бесплатното болничко лекување за сите граѓани. Досега имавме капацитет тоа да го направиме за дечињата на примателите на социјалната помош – рече Заев.
Убеден сум, додаде премиерот, дека така како што ја водиме работата од 1 јануари 2019 година покрај бесплатното болничко лекување ќе биде зголемена и платата, вкупните нето приходи на лекарите специјалисти во Македонија да бидат 100 илјади денари.
– Верувам дека ќе има доволно капацитети Буџетот и во почетокот на февруари, кога лекарите ќе ја добијат јануарската плата, да имаат вкупен приход од 100 илјади денари. Ако успееме до 2020 година да ги подобриме буџетските перформанси, ќе продолжиме, на лекарите специјалисти без дежурства, да им обезбедиме 100.000 денари месечен нето приход – рече Заев.
На прашањето во врска со депониите, премиерот одговори дека Скопје го решава проблемот со „Дрисла“ и оти се надева дека во скоро време ќе има судска завршница за да може, како што додаде, Скопскиот регион конечно да има решение на овој проблем.
– Североисточниот и Источниот регион заедно го решаваат проблемот со сметот, со пари од ЕУ преку ИПА. Со локација на територијата на Свети Николе и овој процес е во тек и таму ќе биде изградена регионална депонија за двата региона, рече, дополнувајќи дека за Тетовскиот или Полошкиот регион веќе е почната изработката на физибилити студија.
– Швајцарската Влада преку швајцарската Агенција за развој дава без малку седум милиони евра за регионална депонија во Полошкиот регион – информира Заев.
– Во останатите четири региони ги очекуваме одлуките на советите на општините за да може државата преку МЖСПП директно да распише огласи за бирање концесионери што ќе изградат регионални санитарни депонии во четирите региони. Постапките течат согласно предвидената динамика – рече Заев.