Нашата најмала хероина во 2021 година, велат од ГАК, денеска првпат ќе влезе во својот дом во велешкото село Јаболчиште, по 2 месеци и една недела поминати на неонатолошките интензивни одделенија на клиниката
По 67 дена поминати на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје (ГАК), со престој на неонатолошките интензивни одделенија, предвремено роденото женско бебе денеска заминува дома во добра општа состојба и со уреден наод на виталните функции, информираат од оваа здравствена установа.
– Бебето беше родено на 8 октомври, предвремено во 29-та гестациска недела, со екстремно мала тежина од само 665 грама, со должина од 30 сантиметри, а денеска стручниот тим на клиниката го испишува со 2.190 грама телесна тежина. Трудницата која е прворотка беше хоспитализирана три дена пред раѓањето на бебето – на 5 октомври и во тој период беше подложена на предродилен мониторинг и третман. Бременоста и била оптоварена со повеќе ризици, вклучувајќи го слабиот раст и развој на фетусот, односно на плодот во утробата на мајката – информираат од ГАК.
Нашата најмала хероина во 2021 година, велат од ГАК, денеска првпат ќе влезе во својот дом во велешкото село Јаболчиште, по 2 месеци и една недела поминати на неонатолошките интензивни одделенија на клиниката.
-Тимот лекари и медицински сестри секојдневно ја следеа нејзината здравствена состојба и заедно со новороденото ги добија сите предизвици кои се испречуваа пред нив. Во периодот на престој на одделенијата на ГАК, новороденото имаше комплексен третман, а поради проблеми со дишењето беше и на механичка вентилација. Бебето е родено како високоризичен пациент, но беше мошне борбено и за цело време имаше добар одговор на комплексните третмани кои му се даваа на неонатолошките интензивни оделенија на Клиниката. На бебето му се направени сите скрининзи кои се пропишани во Националната програма на Министерството за здравство и денеска персоналот на ГАК го испраќа од клиниката со прецизни поуки за контрола и за следење на растот и на развојот – информираат од клиниката.
За среќа, во рамки на екстремната незрелост, намалената отпорност и малата родилна тежина и целокупниот третман, новороденото се испишува во добра општа состојба, со пораст на телесната маса, стабилно и витално.
Медицинскиот персонал заедно со министерот за здравство д-р Венко Филипче кој денеска го посети бебето Бехра, го испратија доенчето дома кај нејзините родители со желби за здраво и среќно детство.
-Изминатите 4 години години постигнавме навистина значајни резултати и сме единствена земја во светот којашто има значајно намалување во вкупната смртноста на родените бебиња. Процентот на преживување на предвремени бебиња значајно се зголеми, односно смртноста од 2016 година кога беше 25% сега е 8,9%. Сето ова е како резултат на севкупното внимание, инвестиција што ги правиме со што го подобруваме третман на родилките и бебињата, како на оние коишто се раѓаат во термин така и на предвреме родените – велат од ГАК.