Вакцинацијата на деца од 12 до 16 години ќе мора да се закажува на страницата „вакцинација.мк“ информираше денеска министерот за здравство, Венко Филипче, кој беше во посета на поликлиниката Шуто Оризари, каде што беше отворен вакцинален пункт.

– Ова се прави поради подобра организација, од една виала „Фајзер“ се даваат шест дози вакцини односно се вакцинираат шест лица. Го правиме ова за да не дојде до отворање на вакцината и само, на пример, да се извршат две апликации. По пријавување на децата, ќе се добие термин за нивна вакцинација. Родителите ќе може да го направат пријавувањето до четврток, а од петок ќе почне вакцинацијата на младите од 12-до 16 години – рече Филипче.

Вакцинирањето на децата од 12 до 16 години со вакцината на „Фајзер“ ќе започне од петок. Оваа вакцина во моментов е единствена која е дозволена да се користи согласно препораките од внатрешното упатство за оваа категорија на деца, појаснија деновиве здравствените власти.