Долг конвој на оклопни возила и камиони бавно се движеше јужно од ирачкиот град Киркук, пренесувајќи ги ирачките специјални сили ИСОФ чија цел беа скривалиштата користени од милитантите на Исламската држава низ тешкиот терен. Тие дејствуваа врз основа на информации на разузнавачките служби според кои борците на ИД се наоѓаат во планинскиот предел Хамрин, источно од Киркук, пишува „Гардијан“.

Извесно е дека милитантите на Исламската држава се регрупираат, четири години по нивниот пораз во битката за Мосул. Малите групи на џихадисти ги напаѓаат положбите на војската и на полицијата, вршат атентати врз локални лидери и ја саботираат мрежата за напојување со електрична енергија.

Нивните бројки се незначителни во однос на моќта што ја имаа кога Калифатот контролираше делови од Ирак и од Сирија, со што припадниците на ИД се насочија кон номадско функционирање, како што забележаа и разузнавачките служби.

– Ова е центарот на Ирак кој ги поврзува планините на ридовите и планините на истокот со пустините на западот кои водат кон Сирија, што го прави совршено место за сокривање. Тие никогаш нема да се откажат од оваа област – вели ирачки разузнавач стациониран во областа.

Еден од локалните племенски водачи ја споредува ситуацијата во која се наоѓа ИД со онаа на Ал каеда.

– Исламската држава сега е во истата ситуација како и Ал каеда по нивниот пораз во 2009 година. Тие се притаија за да се регрупираат и реорганизираат. Им беа потребни помалку од три години за да се вратат посилни – објаснува тој.

Милитантите на ИД бараат храна од локалното население, а понекогаш ја земаат и насила, со што тамошните жители се жалат дека државата не презема доволно за да ги заштити.

Конвојот продолжува да ги бара џихадистите во обидот да се справи со нив и да го исчисти теренот, но војниците признаваат дека нивната задача е тешка.

– Во реалност ние бараме игла во сноп сено – заклучува Ихаб Џалил од ирачките специјални сили.