Поради драстичниот пораст на новозаразени од ковид-19 , капацитетите од интерното оделение кои за оваа потреба беа оспособени во кичевската болница, целосно се зафатени, дури се чуствува потреба и од поголем број на легла за инфицирани од ковид-19.

– Од пред една седмица дел од интерното одделение го пренаменивме во ковид- центар, каде на болните им стојат на располагање 20 кревети и во моментов се целосно зафатени. Но поради наплив и на новозаболени, се чувствува потреба и од зголемен  број на легла.

Персонално се покриваме од сопствениот потенцијал на интернисти и во периодот кога тие беа заболени, добивме замена од тројца интернисти од Отешево, кои по враќањето на нашите лекари се вратија во матичната болница. Што се однесува до лекарствата со кои располагаме, моментално ги задоволуваат потребите, но како ќе стојат работите во блиска иднина ништо не можам да кажам.

Структурата на болните е различна, ги има од сите возрасти и со различна тежина на болеста, со и без коморбидитети – рече д-р Станко Трпески, директор на Општата болница во Кичево.

Трпески додаде дека единствениот инфектолог кој штотуку се вратил од специјализација, поради инфицираност моментално не е во можност да се вклучи во лекување на болните.