Фото: Игор Бансколиев

Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести на денешниот состанок донеле предлог за скратување на полицискиот час, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Полицискиот час во текот на неделата ќе почнува од 19 часот и ќе трае до 5 часот изутрина. За време на викендот, полицискиот час ќе почнува од 13 часот во сабота и ќе трае до 5 часот во понеделник.

На возрасните лица им се продолжува времето на движење, од 8 часот наутро до 12 часот на пладне, а на младите до 18 години, од 13 часот до 16 часот.

Останува забраната за групирање на граѓани во поголема група од пет лица, соопшти Филипче.

На сметка на ова, се воведува задолжителното носење на маски во затворени простории (маркети, банки, здравствени установи, аптеки, сите затворени објекти каде има повеќе лица), како и на отворените места каде што не може да се одржи физичка дистанца од два метра, како на пример пазарите.

Компаниите ќе бидат должни да воведат задолжителна опрема за своите вработени, рече министерот за здравство.

Овие предлози треба да поминат на владина седница за да стапат во сила.