Аљајдин Хавзиу

Државниот инспекторат за труд, на работа вратил 140 лица кои добиле отказ од работа, соопшти директорот на Државниот инспекторат за труд, Аљајдин Хавзиу. Тој кажа дека работодавачите можат да се жалат и кај второстепената комисија, а ги повика и работниците да пријавуваат доколку се прекршуваат нивните права.

– Во 28 фирми, се донесени 37 решенија со кои се вратени или им е наложено на работодавачите да ги вратат вработените на работа. Нивните решенија за отказ се поништени. Иако, во некои случаи работодавачите можат да се жалат во второтстепената комисија, ова се нашите резултати по овој основ. На работа се вратени 140 вработени. Повикуваме сите работници кои имаат вакви проблеми да се јават кај нас – рече Хавзиу.

Во однос на зелените пазари, директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски, посочи дека неговите инспектори констатирале дека потрошувачите и продавачите ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.

– Ние вршиме надзор над одлуките на Владата. Не оценуваме кој пазар може, а кој не може да работи. Најголемиот број на пазарите се под управување на општините, па тамошните Кризни штабови имаат преземено одредени мерки како да се однесуваат оние кои вршат дејност на пазарите, за да се заштитат од коронавирусот. За одлуката за пазарот во Шутка, тоа е проценка на општинскиот Кризен штаб. На сите пазари каде сме вршеле контрола, односно надзор над работењето на тие пазари, се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот. На сите видни места имаат одредени соопштенија има известувања како да се однесуваат оние кои тргуваат на пазарот и оние кои што се потрошувачи. Немаме овластувања за да оценуваме кој пазар може да работи, а кој пазар не може да работи – рече Пауновски.