Фото: Принтскрин

Изминатиот месец откако стапија на сила измените и дополнувањата на Законот за заштита на наслението од заразни болести, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ) издаде околу 40.000 решенија на лица позитивни на вирусот и на лица контакти со позитивни. Само во последните четири дена доставени се 7.500 решенија за изолација, изјави директорката на ДЗСИ, Ирина Сотирова Бухова.

Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, одржа работна средба со дел од инспекторите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ).

„Инспекциските служби се важен контролен механизам за правилно спроведување на секоја уредба, одлука, протокол и мерка, што ги преземаме за спречување на ширење на коронавирусот. Повеќе од било кога е важно да ги почитуваме мерките и протоколите, да носиме маска, да одржуваме растојание и да нема групирања. Само така, заеднички, ќе ја надминеме оваа здравствена криза, која притиска и врз економијата. На тој начин, ќе им помогнеме и на инспекторите, на здравствените лица, полицијата, армијата и сите друѓи чинители што се вклучени во битката со овој вирус“, изјави вицепремиерот Николовски.

Тој посочи дека Информацијата за кадровската екипираност во инспекторатите е веќе влезена во владина процедура, и онаму кадешто има потреба, за следната година ќе се овозможи да има нови вработувања, со цел да се обезбеди непречено функционирање.

Бухова изјави дека инспекторите изминатите девет месеци се секојдневно на терен со вршење на вонредни инспекциски надзори во сите здравствени установи, училишта, детски градинки, козметички салони, старачки домови..

„Изминатиот месец откако стапија на сила измените и дополнувањата на Законот за заштита на наслението од заразни болести, нашиот инспекторат издаде околу 40.000 решенија на лица позитивни на вирусот и на лица контакти со позитивни. Само во последните четири дена доставени се 7.500 решенија за изолација. Ако ја споредиме оваа бројка со бројката од минатите месеци, ќе ни ја покаже сериозноста на целата ситуација. Инспекторите ќе останат на терен, будно ќе мониторираат било какво отстапување од протоколите и од законските норми кои се пропишани. Борбата е заедничка, почитувајќи ги протоколите прво се заштитуваме себе си, но и овозможуваме на здравствениот систем да истрае“, изјави Сотирова Бухова.