Границите со Србија и Косово остануваат отворени, откако Комисијата за заразни болести не даде препорака тие да бидат затворени поради состојбата со коронавирусот.

Министерот за здравство, Венко Филипче за „Макфакс“ вели дека засега состојбата со границите останува како што е, се додека не добијат потребни информации од соседните земји.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, посочи дека евентуалното затворање на границите со двата соседи ќе биде поради епидемиолошката слика, односно бројот на заболени од коронавирусот кој го има во тие земји, но нема да се донесе без јасна препорака од епидемиолозите.

– Знам дека епидемиолозите разговараа околу ова прашање. Уште нема конечна препорака. Има некои комплексни сложени ситуации, во смисла на транзит, во смисла на ПЦР тестовите, некои информации недостасуваат. Ќе биде важно да се продолжи со оваа консултација бидејќи сите одлуки што било кој денес, ние, регионот, ЕУ ги носи во однос на границите се од здравствен аспект. Нема политика, нема пријателство. Главната калкулација е епидемиолошката слика. Ќе биде тешко таа одлука да се донесе ако не сме заедно со епидемиолозите. Ако денеска нема јасна препорака, треба да се продолжи разговорот за да се донесе. Ќе се следи ситуација, редовно, каква е ситуација во сите соседни држави – рече Димитров.

Според последните податоци, во Србија изминатото деноноќие се регистрирани 359 нови случаи на коронавирус, а шест лица починале. Ситуацијата во Белград е најпроблематична затоа што 82,5 проценти од сите заразени се регистрирани во главниот град на Србија.