Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи во улога на национален координатор за распределба на странска помош во земјава и Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска, во присуство на Амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мери Брнс ја примија донацијата од САД за нашата земја, која се состои од заштитна медицинска опрема за борба против ковид-19.

– Еве нè денес на лице место каде се предава дел од онаа поголема најавена поддршка од над еден милион долари. Се работи за различна заштитна облека – маски, одела итн., кои се наменети за лекарите, за епидемиолозите и останатите здравствени работници. Оваа опрема им се става на располагање на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, на кои секако им е најпотребна, имајќи предвид дека опремата ќе ја користат медицинските лица кои се првата одбрана на земјата од епидемијата – истакна Османи, при што изрази благодарност до САД и до амбасадорката Кејт Брнс, за оваа помош и поддршка во борбата против ковид-19, со која на дело ја демонстрираат солидарност и пријателството со Македонија.

– Како главен координатор на странската помош, сигурен сум дека оваа соработка со амбасадата, со амбасадорката, но и со УСАИД, и другите агенции и претставништва на американската држава, ќе продолжи и понатаму, со што ќе се реализира целата најавена поддршка, а што ќе значи успешна одбрана од оваа закана – ковид-19 – додаде Османи.

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче упати благодарност до американската амбасадорка Кејт Мери Брнс за донацијата од страна на Соединетите Американски Држави, која во овие моменти е неопходна со справувањето со коронавирусот во земјава. Во оваа прилика тој истакна дека оваа донација од заштитна опрема за здравствените работници ќе им помогне во заштита на нивното здравје во време при извршувањето на работните обврски.