Вработените при Итната медицинска помош – Скопје пријатно ги изненадија своите колеги, докторите Маја и Димитар, кои беа спречени да го изречат судбоносното „да“. Маја и Димитар Ангеловски планираа својата свадба да ја одржат на 17 мај, меѓутоа поради епидемијата на ковид-19 биле принудени да ја одложат.
Но, тоа не ги спречи вработените во Итната медицинска помош – Скопје да им го разубават денот на младите докторите. На младата двојка скришно им купиле торта и бидермаер.
– Бевме тажни. Тоа требаше да биде најсреќниот ден во нашиот живот, но понекогаш и најважните моменти од животот се спречени непредвидливи ситуации. Веројатно нашите колеги и пријатели ја забележале нашата меланхолија и сакале да не развеселат. Ништо не знаевме за нивните намери. Секако дека бевме пријатно изненадени. Можеби бевме спречени да го кажеме судбоносното „да“, но нашите пријатели ни приредија незаборавен ден. Набргу потоа на Фејсбук се појавија фотографи, и многумина поверуваа дека навистина сме правеле свадба и започнаа да ни честитат. Планираната свадба не се одржа, но нашата љубов е посилна од епидемијата ковид-19. Судбоносто „да“ ќе го кажеме во октомври оваа година – вели Ангеловски.