Приказни од самоизолациjа

Ми недостига мaгијата на создавањето

На 6 април 2020 година требаше да почне шеснаесеттиот „Танц-фест“. Полна сала, прекрасна публика, возбудлив танц на сцената. Аплаузи, споделени убавини. Следните дваесетина дена ќе споделувавме уметност со луѓе од целиот свет. Прекрасни дружења, понекој проблем. Решлив. Сето тоа е ставено на пауза.
Природата ни покажа дека има моќ, која ја нема ниту еден човек или нација. Ни покажа дека треба да се почитуваме, да внимаваме што правиме. Да сме сензитивни и да се преиспитаме. Парадоксално, но периодов гледаме/читаме по социјалните мрежи многу ниски страсти. Се надевам, ќе се испукаат сите и ќе почнат да размислуваат за навистина важните нешта. Оние што го облагородуваат животот. За кои вреди да се живее. Креативноста е една од тие димензии.

Се трудиме сите, тие што се околу мене, да не подлегнеме на апатијата, која во моментов е предизвикана. Го исполнуваме денот со креативност, убавини во секојдневното живеење. Но тешко е. Сакам театар, сцена, студио во кое ќе работиме, креираме, се исцрпуваме. Се придвижуваме. Се надевам ќе се вратат тие мигови. Иако ништо нема да е исто, се надевам, пред сѐ благодарение на разбудената свесност за важноста на животот и планетата на која живееме.