Србија размислува да ја ограничи работата на ноќните клубови откако се утврдило дека тие се расадник на нови случаи на коронавирус.

Епидемиологот Дарија Кисиќ Тепавчевиќ вели дека се разгледува можноста за ограничување на работата на клубовите, затоа што се покажало дека ноќниот живот е најголем извор на заразата.

Таа изјави дека повеќето од пациентите со ковид-19 се помлади лица.

– Зборувавме да се ограничи работата на клубовите, да се намалат излегувањата до утринските часови. Ова е непопуларно, но мора. Тоа е најголемото жариште на заразата – рече Кисиќ Тепавчевиќ за ТВ Пинк.

Таа изјави дека ова е сега најчестиот начин за пренесување на вирусот и дека е особено опасно ако помладите, кои одат во ноќен клуб, живеат со хронично болни или со постари лица.

– Можеме да предизвикаме голема трагедија со такво однесување – истакна таа.