Фото: Пиксабеј

Заразите со ковид-сојот омикрон почесто доведуваат до блага болест од претходните варијанти на коронавирусот, што нуди надеж дека сегашниот пораст можеби нема да биде толку катастрофален како што се стравуваше, и покрај големиот број случаи, покажуваат резултатите на три одделни научни истражувања направени на два континента, објавија светските медиуми повикувајќи се на „Њујорк тајмс“.
Истражувачите од три одделни научни тимови го испитувале дејствувањето на омикрон низ популациите во Јужна Африка, Шкотска и Англија. Резултатите во секоја околина, иако сè уште се прелиминарни, сугерираат дека е помала веројатноста поради оваа варијанта луѓето да завршат во болница.
„Со оглед дека ова го има насекаде и дека ќе биде толку многу преносливо, сè што би ја намалило сериозноста би било подобро“, изјавила Натали Дин, биостатистичарка на Универзитетот Емори во Атланта.
Трите студии од Обединетото Кралство и Јужна Африка потврдуваат дека луѓето ќе стекнат одредена заштита од тешка болест со вакцинирање и ревакцинирање.
Јужноафриканската студија се фокусира на зголемувањето на случаите на омикрон од ноември. Истражувачите откриле дека ризикот од хоспитализација бил за околу 70 отсто помал кај луѓето заразени со омикрон, во споредба со оние заразени со други варијанти на коронавирусот.
Во Шкотска, истражувачите ги прегледале случаите на делта и на омикрон во ноември и декември, гледајќи колку пациенти со секој сој биле примени во болница. Утврдиле дека заразата со омикрон е поврзана со намалување на ризикот од хоспитализација за две третини во споредба со варијантата делта.
Тимот истражувачи од Империјал колеџот во Лондон ги спореди случаите на омикрон и делта во првите две недели од декември и пријави намалување на посетите во болница, иако помалку отколку што открија нивните шкотски колеги.
Новото истражување вели дека варијантата можеби има биолошки карактеристики што ја прават нешто помалку опасна од делта, сојот што доминира во светот од летото до сега.
Иако новото истражување е охрабрувачко, експертите предупредуваат дека напливот на варијантата во многу земји и понатаму може да ги преплави болниците со случаи на омикрон, затоа што варијантата се шири многу полесно од претходните верзии на коронавирусот. Кристина Размирез, биостатистичарка од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, вели дека не сака да крева паника, но смета дека не смееме да се опуштиме.