Фудбалот забележа спортски победи над пандемијата, прво, со организирање толку многу натпревари во услови на постојано менување на здравствените прописи и, второ, покажувајќи дека навивачите можат безбедно да се вратат на стадионите. Во текот на изминатите 12 месеци, секој член на нашата заедница даде значаен придонес во овие успеси, истакнува Чеферин во пригодното обраќањe на интернет-страницата на УЕФА

ФУДБАЛ – АЛЕКСАНДЕР ЧЕФЕРИН, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УЕФА

Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, направи осврт на 2021 година, богата со настани за УЕФА и за европскиот фудбал, нагласувајќи дека клучните вредности што се суштествени за играта мора да се зачуваат и да се заштитат за иднината.
Во обраќањето на интернет-страницата на УЕФА, Чеферин истакнува дека гледајќи наназад на една незаборавна година за УЕФА и за европската фудбалска заедница, тешко е да се издвои најголемото достигнување. Листата на „победници“ е предолга. Тоа се капитените на клубовите и на националните тимови што ги подигнаа трофеите во седум натпреварувања, на Европското првенство (ЕП), во Лигата на нации (ЛН), во Лигата на шампионите (ЛШ) за мажи и за жени, во Лига Европа (ЛЕ), на ЕП до 21 година и во ЛШ во футсал.
Почетокот на новите циклуси на клупски натпреварувања создаде добитна ситуација за женскиот и за машкиот фудбал. Далекосежните промени во женската ЛШ значително ги зголемија нејзината конкурентска рамнотежа, изложеност и престиж, а започнувањето на Лигата на конференции (ЛК) ги направи натпреварувања поинклузивни, при што голем број клубови за првпат се појавија на европската сцена.
Фудбалот забележа спортски победи над пандемијата, прво, со организирање толку многу натпревари во услови на постојано менување на здравствените прописи и, второ, покажувајќи дека навивачите можат безбедно да се вратат на стадионите. Во текот на изминатите 12 месеци, секој член на нашата заедница даде значаен придонес во овие успеси. Тоа се националните асоцијации, играчите, домашните лиги, клубовите, тренерите, официјалните лица на натпреварите, навивачите, нашите партнери и медиумите.

Сепак, нашето најзначајно достигнување заслужува поголемо признание. Тоа е заштитата на европскиот спортски модел, тоа е мисијата на УЕФА, на нејзините асоцијации членки и на безброј други спортски организации. Врз основа на пирамидална структура, која го поврзува фудбалот од грасрут на дното до елитните клубови на врвот, моделот работи со двојна премиса. Не само што приходите од професионални натпревари се реинвестираат низ играта туку и клубовите исто така се промовираат или испаѓаат поради спортски заслуги. Малку организации ги отелотворуваат вредностите на европскиот спортски модел посилно од УЕФА. На секои четири години, ЕП канализира голем дел од приходите во проекти за развој на фудбалот низ целиот континент преку програмата хет-трик. Заработката од 775,5 милиони евра од ЕП 2020, до 2024 година, ќе се користи на сите нивоа на фудбалската пирамида, од едукација на машки и женски тренери до поддршка на грасрут-клубовите и внимание кон талентирани млади играчи што сонуваат да се натпреваруваат на идните ЕП. Посветеноста на моделот за отворена конкуренција беше клучен двигател во создавањето на ЛК. Сега сите 55 земји-членки имаат загарантиран клуб претставник во најмалку едно натпреварување на УЕФА секоја сезона. Несреќниот обид минатиот април за создавање затворена суперлига, која се фокусира само на пополнување на банкарските сметки на неколку клуба, ги загрози вредностите што се најбитни за европскиот спортски модел и за мисијата на УЕФА. Нејзиното пропаѓање, поттикнато од политичката и навивачката осуда од целиот континент, беше нашата најзначајна заедничка победа во 2021 година. Би сакал да упатам лична благодарност до секој од вас што застанавте со УЕФА во ваквиот предизвикувачки момент. Вашата поддршка гарантира дека сите наши достигнувања, во годините што доаѓаат, ќе продолжат да градат одржлива иднина за фудбалот во Европа, истакнува Чеферин на интернет-страницата на УЕФА.