Од денеска во Италија стапуваат на сила новите ограничувања поврзани со епидемијата на коронавирус, вклучително и казни за невакцинирани лица постари од 50 години, кои ќе важат и за странците кои живеат во земјата.
Луѓето кои влегуваат во Италија од други земји на ЕУ, и кои имаат доказ за целосна вакцинација или потврда дека се опоравиле од ковид-19, нема да бидат обврзани да приложат негативен тест за коронавирус, како предуслов за влез во земјата.
Од појавата на заразната варијанта омикрон, негативен тест досега беше задолжителен за сите, без разлика на статусот.
Од почетокот на јануари, во Италија вакцинацината против ковид-19 е задолжителна за сите лица над 50 години. Од денес пак, лицата од оваа возрасна група кои сè уште не се вакцинирани, или не примиле втора или бустер доза и покрај тоа што имаат можност да го сторат тоа, ќе бидат казнети со по 100 евра.
Мерката останува на сила до 15 јуни и се однесува на сите жители на возраст над 50 години, вклучително и странски државјани.
Од 15 февруари и оваа возрасна група ќе треба да достави доказ за вакцинација или прележан ковид, за да можат да одат на работа. Невакцинираните постари од 50 години ќе треба да работат од далечина, доколку не е во можност да се вакцинираат.
Оние кои ќе ги прекршат мерките, се соочуваат со казни од 600 до 1.500 евра.
Промени има и кога станува збор за пазарењето.
Од денес посетителите на книжарниците, банките или канцелариите ќе треба да покажат потврди за вакцинација или прележана болест, а оваа одредба нема да важи за супермаркетите и аптеките.
Во Италија, која има околу 60 милиони жители, речиси 81 отсто од вкупното население се вакцинирани против ковид-19.