Отстранувањето на водечкиот американски експерт за вакцини од Министерството за здравство на САД ги подели мислењата на надлежните лица кои го толкуваат како благодет за одговорот на пандемијата или како знак за дисфункционалното министерство, пренесува „Политико“.

Досегашниот директор на Агенцијата за биомедицинско напредно истражување и развој (БАРДА) е префрлен на функција со потесни овластувања во Националниот институт за здравство. Ваквата смена се подготвувала во изминатата година откако Брајт влегол во конфликт со водечките луѓе на БАРДА поради неговите одлуки, но сепак дошла ненадејно, според петмина поранешни и сегашни службеници во Министерството за здравство.

Брајт, кој уште не ја прифатил новата функција, во изјава за „Њујорк тајмс“ кажа дека верува оти неговата смена се должи на личното противење на истражувањето и користењето на лековите против маларија во лекувањето на коронавирусот, кои пак, претседателот Доналд Трамп ги пропагира без научни докази. Тројца познавачи за состојбата во Министерството за здравство, пак, тврдат дека Брајт ја поддржал набавката на лекот во интерната комуникација, иако тоа не го сторил јавно.

Во соопштение на неговите адвокати, се наведува оти Брајт ќе побара од надлежниот инспектор на Министерството да го истражи „начинот на кој оваа администрација ја политизирала работата на БАРДА и извршила притисок врз него и други научници за финансирање на компании со политичка поврзаност и напори за лекување кои не се научно докажани“.

Запрашан за случајот, Трамп негираше дека има познавање за улогата на Брајт и за неговата смена.

Интерно, во министерството за здравство, отстранувањето на Брајт е позиционирано како начин за подобрување на борбата против пандемијата, по негодувањето на дел од надлежните лица дека одговорот на БАРДА бил бавен.