Компанијата „Ханванг“ вели дека нејзината технологија достигна до 95 отсто точност во идентификувањето на лицата што носат маски, пишува „Арстехника“. Кинеската компанија „Ханванг“ која постави два милиона камери низ целиот свет, започнала да се подготвува за коронавирусот уште на почетокот на јануари.

Хуанг Леи главен технички менаџер на компанијата, објаснува дека дури и пред да биде познат новиот вирус, тој започнал да прима барања од болници во центарот на избувнувањето во покраината Хубеи, за да го ажурира својот софтвер за да ги препознае медицинските сестри кои носат маски.

– Нема да чекаме додека нешто експлодира за да дејствуваме. Ако три или пет клиенти бараат иста работа веќе го гледаме тоа како важно – рече Хуанг, додавајќи дека нивните камери претходно препознавале луѓе со маска само во половина од случаите, споредено со 99,5 проценти точност за целосна слика на лицето.

Оттогаш, побарувачката се зголеми, од полициските станици, железничките станици и сите канцелариски бази кои користат камери на „Ханванг“ за да ги регистрираат вработените. Поради тоа Хуанг оформил тимови да работат на предизвикот.

Компанијата сега вели дека нејзината програма за препознавање на лицето достигнала 95 проценти точност во лабораториските тестови, па дури и тврди дека е попрецизна во пракса, каде што нејзините камери снимаат повеќе фотографии од една личност доколку не успее првиот обид да ги идентификува.

Хуанг додаде дека неговата компанија за првпат наишла на проблеми за препознавање  на луѓе кои имаат брада, во Турција и во Пакистан, како и со клиенти од северна Кина кои носат зимска облека што ги покривале ушите и лицата.