Мини-истражување за искуствата од работењето во пандемија

„Нова Македонија“ направи една мини-анкета меѓу граѓаните токму на прашањето како се справиле со работата од дома и дали го дале својот максимум. Одговорите на граѓаните беа различни и поделени. Половина од нив би сакале и во иднина да продолжат да работат од дома, но преостанатите сметаат дека работната просторија и атмосфера не може да се заменат со домот

Дали начинот на „работа од дома“ во услови на пандемија се покажа како ефикасен и поефективен концепт за работа во компаниите? Кои се ефектите од тоа искуство една година подоцна, дали тоа помогна да се заштити здравјето на работниците, ја зголеми или ја намали продуктивноста? Како се чувствуваат вработените, а како работодавачите? Сите овие дилеми денес се предмет на анализи, од кои многу работи би биле појасни како искуство во вакви услови. Со една генерална оцена, можно е да се промаши одговорот што би сакале да биде што поблиску до фактичката состојба. Имено, работните ангажмани на вработените лица имаат различна природа и некои од нив може комотно да се работат од дома и на дистанца, но за други работни задачи тоа не е можно. Затоа генералната оцена не е можна, но специјалниот и посебен приод кон прашањето „работа на дистанца“ би можело да даде некои релевантни одговори.
Во зависност од професијата, различни се и искуствата. Кај некои професии овој концепт можеби придонесе позитивно, кај некои, пак, контрапродуктивно.
Општата констатација на луѓето е сепак дека работното место и домот се две различни средини, кои не секогаш можат да бидат ставани во иста функција.
„Нова Македонија“ направи една мини-анкета од приближно триста анкетирани меѓу граѓаните, токму на прашањето како се справиле со работата од дома и дали го дале својот максимум.

Одговорите на граѓаните беа различни и поделени. Половина од нив би сакале и во иднина да продолжат да работат од дома, но преостанатите сметаат дека работната просторија и атмосфера не може да се заменат со домот.
Според психолозите и социолозите, работата од дома има и позитивни, но и многу негативни страни. Во продолжение неколку примери со кои се идентификува групирањето на одговорите.

Различни професии, различни искуства

Ви пренесуваме неколку различни искуства при процесот на работа од дома.
Така, маж на возраст од 40 години, кој работи во приватна фирма за дистрибуција на прехранбени производи, вели дека е невозможно да се работи од дома.
– На почетокот на пандемијата се обидовме да работиме од дома две недели. Сѐ одеше тешко. Возможно беше само да се средат одредени документи, но преостанатото беше невозможно. За оваа работа неизбежен е контактот со луѓето, со оние на кои треба да им ги понудиш производите, потоа да ги провериш како тие се пласираат. Ризикот да се заразиме беше голем, многумина од колегите го прележаа вирусот, но работата не можеше и не смееше да трпи – заклучува тој.

Еден скопјанец, кој делумно работел од дома и во работни смени, вели дека концептот за работа од дома, кој се наметна како потреба за заштита на здравјето во услови пандемија, една година подоцна се покажал и не толку добар по општото здравје на луѓето. Вели дека од друга страна се покажа и како многу непродуктивен.
– Да, има професии што трпат работа од дома, но за најголем дел од професиите тоа е невозможно. Првиот и основен проблем е домот. Домот не е работна просторија и работна атмосфера, туку сосема спротивно, ја има улогата за релаксација. Вие се враќате дома за да ја оставите работата на работа, а не работата да ја донесете дома. Така, не само што сте непродуктивни туку сте и со негативна енергија за преостанатите на кои домот им е дом, а не канцеларија. Сосема друго е што работењето од дома не покажа дека луѓето нема да се заразат од вирусот, затоа што тие, а и нивните блиски секој ден имаат потреба негде да излезат – посочува тој.

Триесетгодишна жена што работи во државна институција вели дека работата од дома ѝ овозможила да заштеди време во подготовката за работа, како и во патот до дома.
– Работев во релаксирана атмосфера од дома. Облечена во пижами, со кафето и цигарата до мене. Комоцијата е поинаква од дома, а работата одеше како подмачкана. Сѐ се средуваше лесно. Имав време да средам и многу работи по дома, нешто што со години не сум го чепнала – додава таа.

Сепак, таков не бил исходот кај наставничката, која држела часови од дома, а истовремено имала и две деца, кои исто така имале онлајн часови.
– Моравме да се криеме по собите за да не си пречиме еден на друг. Истовремено бев на линија со моите ученици, но морав да им помагам во учењето и на моите деца. Оваа учебна година беше крајно исцрпувачка. Им го слушате само гласот на своите ученици. Не може да им ги видите лицата и реакциите. Ги гледате и своите деца и знаете дека мора да им приготвите појадок и да ги извршите и домашните обврски, кои постојано се трупаат – посочува наставничката.

Жена сопственик на фирма, која истовремено е и самовработена, вели дека е задоволна од профитот во изминатата пандемиска година.
– Имам креативна работа, но за мене лично беше многу напорна, бидејки комуникацијата со клиентите ми беше отежната поради тоа што лично не можеа да го посетат просторот во кој работам. На почетокот како за сите така и за мене целата таа новонастаната состојба беше збунувачка, но со текот на времето и како минуваа месеците стана навика. Сега и ми е чудно како ќе почнам да одам на работа секој ден. Мојата работа може да трпи нарачки онлајн, со самото тоа и се приспособив и го дадов својот максимум за време на пандемијата – вели таа.

Мајка на четиригодишно момче, која цела година работи од дома, вели дека целата ситуација влијаела на нејзиното психолошко здравје.
– Среќа што можев да ја приспособам работата и да бидам дома. Но со мало дете сѐ беше поинаку. Морав истовремено да внимавам и на него, но и да не ми ги растури или измеша документите. Сметам дека за секој човек е поинаку кога ќе се подготви за на работа и ќе излезе од дома. Работната просторија и амбиент се поинакви од оној дома. Не сум сигурна дека од дома го даваме максимумот во работата, но и дека се чувствуваме корисни за себе и за околината – заклучува таа.

Личните контакти се најголема загуба

Психологот Мирјана Јовановска Стојановска вели дека работењето од дома кај граѓаните изминатата година донело и добри и лоши страни.
Вели дека многумина од оние што работеа од дома научија нешто ново, но и многу изгубија.
– Ги изгубија навиките на секојдневието, зашто сето она што беше нормално, стана опасно. Опасно беше да се оди на работа, да се седи со колегите во иста просторија, да се пие кафе со нив. Се сменија квалитетот и начинот на работата. Со работа од дома не делиме заедничко поле со колегите, туку делиме виртуелно поле. Значи дека ни требаат други сензации – вели таа.

Со тоа, според психологот, сега не се допираме, не забележуваме детали кај другиот.
– Се дружиме со глави и со торзо, односно со она што го гледаме на екранот.
Затоа најголемите загуби се во насока на личниот контакт со луѓето, ограничување на социјалните контакти. Тоа носи до промени во психата на личноста, па се случува отпор кон онлајн работата. Тие луѓе кога ќе излезат надвор се случува да имаат и отпор кон сите мерки за заштита од вирусот, да не носат маски и слично – заклучува психологот.

Сепак, вели дека работата од дома, кај многумина имала и позитивни последици.
– Многумина научија да комуницираат онлајн, научија многу за компјутерските вештини, станаа посензитивни во процените за луѓето што ги гледаа преку камера – вели Јовановска Стојановска.
Сепак, посочува и дека работата од дома придонела и повеќе да бидеме дома со семејствата, да им се посветиме на децата, но и да завршиме повеќе работи во домаќинствата од претходно.

Да се санираат последиците

Социологот Илија Ацески вели дека новите технологии го овозможија процесот на работа од дома. Можете да сте во Македонија и да работите за Америка, оддалечени стотици и илјадници километри.
– Во човековата природа до појавата на новата технологија, односно интернетот, не беше возможно сето ова. И она што беше возможно, сепак не се работеше од дома. Да, со работата од дома заштедувате во денот два часа, кои сте ги губеле на подготовки и пат до работа, но главното прашање на кое треба да размислуваме сите е како тоа време сега ќе го употребиме во некоја креативна цел. Во таа насока треба да размислуваат надлежните како да ги спречат тие нуспоследици од целото тоа седење дома – посочува социологот.

Според него, оние што работат од дома имаат потреба од дневна динамика, која ги вклучува сите социјални аспекти на животот, зашто на работа се создава амбиент на колективот, се воспоставуваат други релации и односи.
– Кога работите од дома човековиот склоп на активности е монолитен, врзан за самото место. Сконцентрирани сте на работата и на домашниот амбиент и психичката и физичката кондиција е поинаква. Затоа се создава нова социопсихолошка патологија. Ако работите од дома, треба да имате можност еден или два часа да го поминете надвор од тој амбиент. Ако не сте во можност, тоа ќе биде поразително. За најголем дел од луѓето не е добро и резултира со дебелина и недвижење – заклучува социологот.