На само еден ден Пекинг беше град ослободен од коронавирусот. На 9 јуни, локалните власти соопштија дека последниот активен случај на ковид-19 бил отпуштен од болница. Претставниците на здравствените служби се појавуваа без маски на дневните прес-конференции, за да објават оти „нема нови случаи или можни инфекции“. Се чинеше дека Пекинг најпосле може да дише полесно. Мерењето на температурата пред влез во секоја деловна зграда, како и во рестораните беше прекинато. Храмот Јонгхегонг Лама и аквариумот во Пекинг беа отворени за јавноста првпат уште од јануари и набргу беа исполнети со посетители. Тоа беше убав ден, пишува Криш Рагав во неговата колумна за „Гардијан“.
Но, веќе следниот ден 52-годишен жител на Пекинг беше тестиран позитивен на ковид-19. Низата од 56 дена без локални инфекции во Пекинг беше прекината и се појавија знаци дека вирусот се ширел по повторното избивање.
Двомесечното претпазливо излегување од карантинот кон вообичаениот начин на живот беше поништено прекуноќ. Пекинг навидум „се врати“ во февруари. Сите станбени делови околу домот на заразеното лице беа ставени под строг карантин, а беше откриено дека извор на заразата претставува пазарот Шинфади. Веќе на 12 јуни беа откриени 36 случаи поврзани со пазарот. Пекинг беше ставен во „воена состојба“ за да ја сузбие заразата, како што велат здравствените власти, мобилизирајќи ги здравствените работници како војници.
На 18 јуни Кинескиот центар за контрола и превенција на болести соопшти дека пандемијата е „под контрола“, но искуството ги оживеа веќе познатите стравувања. Вториот бран ја отвора можноста за трет и за четврти бран. Во Пекинг кој дојде блиску до „победа“ над вирусот, тоа значи дека градот нема да се врати на вообичаениот начин на функционирање.