Повеќе од 1.600 летови утринава се откажани во светот поради зголемувањето на бројот на заразени од ковид-19, а најпогодени се дестинациите во САД и Кина, објави специјализираниот сајт „ФлајтАвер“.

Најмногу се откажани летовите на кинеските компании, а најтешко погодени се аеродромите во Пекинг и Шангај, со вкупно 300 откажани летови, според Би-би-си. Хонгконг ги забрани сите летови на јужнокорејската авиокомпанија „Кореан ер“ на две недели, по позитивни случаи кај некои пристигнати патници.

Во меѓувреме, најтешко погодени американски компании се „Јунајтед“ (84) и „ЏетБлу“ (66).

Минатата недела компанијата „Јунајтед“ предупреди дека зголемувањето на бројот на заразени со омикрон има директно влијание врз персоналот за летови на таа компанија, поради што многу вработени морале да се изолираат.

Но, и лошите временски услови се причина за откажување на летовите, бидејќи снежната покривка ги одложи летовите и ја наруши ситуацијата на патиштата во западната држава Вашингтон.

Исто така, американските власти соопштија дека надгледуваат десетици крстарења на кои се регистрирани случаи на коронавирус, додека на некои бродови им е забранет влезот во пристаништата на Карибите.

Вкупно, повеќе од 8.000 летови беа приземјени за време на долгиот божиќен викенд што почна во петокот.