Во текот на викендот дојде до пораст на нови случаи на заразени со коронавирус во некои земји кои ги олеснија ограничувањата, изјави генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, на денешната прес-конференција во Женева.

– Во текот на викендот бевме сведоци на предизвикот што претстои. Во Јужна Кореја, кафулињата и клубовите повторно беа затворени поради новооткриените случаи на инфекција. Во Вухан, Кина, се случи уште едно зголемување на бројот на новозаразени по прекинот на мерките – рече Тедрос.

И во Германија има пораст на бројот на нови случаи.

– Германија исто така објави зголемување на нови случаи по олеснувањето на рестриктивните мерки. За среќа, сите три земји имаат добар систем за откривање и реагирање на повторна појава на нови инфекции – додаде директорот на СЗО.

Тедрос истакна дека СЗО има објавено упатства и шест критериуми што земјите треба да ги земат предвид пред да ги укинат рестриктивните мерки, пишува Си-ен-ен.

– СЗО работи тесно со владите за да се осигура дека остануваат клучните ограничувања на сила за време на борбата против пандемијата. Додека нема вакцина, мерките се нашиот најефикасен модел за спречување на ширењето на ковид-19 – рече генералниот директор на Светската здравствена организација.