Во документот за јавно здравје на Англија, на кој се повикува „Гардијан“ се вели дека четворица од петмина во земјата ќе се заразат од вирусот.

Во документот до кој дошол британскиот весник, за првпат здравствените официјални работници кои се справуваат со вирусната криза признаваат дека очекуваат таа да трае барем уште една година.

Исто така, извештајот сугерира дека британското здравство треба да се подготвува за ситуација во која дури 80 отсто од Британците ќе се заразат со коронавирусот за тоа време.

Професорот Крис Вити, главниот медицински советник на владата, претходно ја опишал оваа бројка како најлошо сценарио и посочил дека реалниот број на заразени ќе биде помал. Меѓутоа во брифингот јасно се гледа дека се очекува четворица од петмина од популацијата да се заразат со вирусот.

Во документот стои дека околу 80 отсто од населението се очекува да биде заразено со коронавирусот во наредните 12 месеци, а хоспитализација може да биде потребна за 15 отсто (7,9 милиони луѓе).

– Кога јавностаќе разбере дека кризата може да трае 12 месеци, луѓето ќе се вознемират и ќе бидат загрижени. Една година е сосема веродостојна. Но, таа бројка не е добро објаснета – рече Пол Хантер, професор по медицина на универзитетот Ист Ингланд.

„Мислам дека епидемијата ќе стивне во текот на летото, кон крајот на јуни, а ќе се врати во ноември, на начин како што тоа го прави вообичаениот сезонски грип. Мое мислење е дека тој ќе биде секогаш околу нас, но ситуацијата ќе стане помалку сериозна со текот на времето, со развивањето на имунитетот – додава тој.

Признанието дека вирусот ќе продолжи да предизвикува проблеми уште една година, се чини дека ги подрива надежите дека доаѓањето на потопло време налето ќе го уништи вирусот.