Успехот на Израел и на Исланд во борбата против коронавирусот, односно во спроведувањето на кампањата на вакцинација беше истакнуван како пример кој светот треба да го следи справувањето со пандемијата. Двете држави сега се соочуваат со нов бран на ширење на заразата, што се должи на појавата на делта-сојот, но тоа не го намалува позитивниот ефект од вакцинацијата, наспроти неоснованите повици на противниците на имунизацијата.

Податоците од надлежните здравствени служби во Израел и во Исланд покажуваат дека и покрај тоа што има заболени и меѓу вакцинираните, тие се соочуваат со благи симптоми. А стапката на хоспитализација останува ниска. Од сегашните 1.300 активни случаи на Исланд, само два отсто завршија во болница, додека државата нема забележан смртен случај уште од мај. Слична е ситуацијата и во Израел, каде што од мај, речиси и да не се забележани смртни случаи на дневно ниво (бројот е мал за да се воспостави просечен број на смртни случаи на дневно ниво), како што пренесува „Вашингтон пост“. Исланд вакцинираше 71 отсто од населението, а Израел околу 70 отсто.

По укинувањето на мерките, Израелците се опуштија и престанаа да носат маски, а животот „се врати во „нормала“. Со тоа се врати и вирусот. Министерството за здравство на Израел како причина ги наведе студиите кои сугерираат дека нивото на заштита од вакцините со текот на времето опаѓа, особено против делта-сојот. Сепак, податоците покажуваат дека вакцинираните имаат одвај благи симптоми и лесно се справуваат со болеста. Токму затоа, од почетокот на месецов, голем број Израелци ќе примаат трета доза. Меѓутоа, доколку имунитетот продолжи да опаѓа против делта-сојот, многумина се прашуваат дали ќе биде потребна дури и четврта доза во иднина.

Експертите го посочуваат Исланд како позитивен пример за успехот на вакцинацијата. Mинатиот месец таму имаше 2.847 заболени, кои главно го имале делта-сојот, а биле вакцинирани со две дози. И меѓу тамошните заболени симптомите биле благи, со што само три отсто од заболените биле хоспитализирани, додека не бил регистриран ниту еден смртен случај од 25 мај досега.

– Исланд докажува дека вакцините штитат. Малиот број смртни случаи во споредба со големи бранови треба да се гледа барем како делумна победа над вирусот – изјави Брендон Гатри, епидемиолог и професор по здравје на Универзитетот во Вашингтон.

Од почетокот на пандемијата, Исланд регистрираше 9.522 заболени и само 30 смртни случаи. И покрај успешната вакцинација, исландските здравствени службеници ги задржаа превентивните мерки барем до 27 август. Тоа значи одржување на дистанца од еден метар, препорачано носење маски во простории со голем број на присутни и полициски час од 23 часот во баровите и во рестораните.