Коронавирусот не ја запира кампањата на Анджеј Дуда

Анджеј Дуда не го практикува социјалното дистанцирање во однос на потенцијалните гласачи, пишува „Политико“, нарекувајќи го полскиот претседател „корона-кандидат“. Тој е на турнеја низ Полска, посетувајќи граничен премин, болница и фабрика која произведува средство за дезинфикација на рацете.

Кабинетот на претседателот соопшти дека активностите се дел од обврските на лидерот во време на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус, но ривалите на Дуда го обвинуваат за нефер политичка кампања во пресрет на претседателските избори закажани за 10 мај. Тие се жалат дека претседателот добива медиумско внимание додека ги промовира мерките против ширење на коронавирусот.

– Денеска, Анджеј Дуда треба да биде одговорен политичар и да претставува пример, наместо да оди на посети наоколу, кои немаат никаква врска со неговите претседателски обврски. Денес, претседателот е единствениот вклучен во кампањата – вели Борис Будка од опозициската Граѓанска платформа.

Тој го повика премиерот Матеуш Моравјецки да прогласи вонредна состојба за изборите да бидат одложени. За одложување се залагаат и други претседателски кандидати, а покрената е и интернет-петиција. Но, премиерот предупреди дека одложувањето на изборите за наесен би можело да значи дека тие ќе се одвиваат за време на вториот бран на пандемијата.

Кандидатите од опозицијата ги откажаа митинзите и ја запреа кампањата, со оглед на превентивните мерки кои не дозволуваат јавни собири на повеќе од 50 луѓе.  Но, Дуда не планира да запре. Претседателот кој победи пред пет години има значителна предност во однос на противниците според анкетите и се надева на победа во првиот круг, за што му се потребни повеќе од 50 отсто од гласовите.