Европската агенција за лекови (ЕМА) идентификува можна врска помеѓу ретките срцеви заболувања и вакцините против ковид-19 на „Фајзер/Бионтек“ и на „Модерна“, а препорача и луѓето со ретки крвни нарушувања да не се вакцинираат со вакцината „Џонсон и Џонсон“.
Срцевото заболување – миокардитис или воспаление на срцевиот мускул и перикардитис или воспаление на слузницата на срцето, мора да бидат наведени како можни несакани ефекти од двете вакцини, објави Комитетот за безбедност на Европската агенција за лекови. Таквите случаи се случиле во рок од 14 дена по вакцинирањето, почесто по втората доза и кај млади возрасни мажи, соопшти ЕМА. Ова се совпаѓа со наодите на американските здравствени власти објавени минатиот месец.

Од ЕМА исто така додаваат дека луѓето со синдром на истекување на капиларите (КЛС) не треба да се вакцинираат со вакцината „Џонсон и Џонсон“.

Во јуни, ЕМА побара КЛС да се додаде на списокот на несакани ефекти на вакцината против ковид-19 на „Астразенека“. Вакцините на „Астразенека“ и на „Џонсон и Џонсон“ користат различни верзии на вирусот на настинка за да пренесат упатства за правење коронавирусни протеини и да предизвикаат имунолошки одговор.

Европската агенција за лекови исто така соопшти дека е премногу рано да се знае дали ќе бидат потребни повеќе од две дози вакцина против ковид-19. Како што велат од таму, засега се доволни две дози.

„Фајазер/Бионтек“ вчера објавија дека планираат да побараат од американските и европските регулатори одобрување на трета доза, врз основа на докази за зголемен ризик од инфекција шест месеци по вакцинацијата и ширењето на многу заразниот делта-сој.