Фото: Игор Бансколиев

Во Светската здравствена организација (СЗО) и во ЕУ лежи најголемата одговорност за пандемијата на коронавирусот што предизвика огромен број жртви на територијата на Европа. Факт е дека не се реагираше навреме, поточно тие реагираа премногу доцна

Реномиран словенечки инфектолог отворено ги обвини СЗО и ЕУ за лошата реакција за ковид-19

На самиот почеток на пандемијата во Кина, и тамошните власти не беа подготвени да го информираат светот за што точно се работи, па можеби ни во СЗО не располагаа со најважните податоци. Но потоа, од мигот кога кинеските власти излегоа со известување, енигма е зошто веднаш не се запре целосната сообраќајна комуникација за луѓе и стоки помеѓу Кина и остатокот од светот?! Секако, прашање е и зошто не се затворија и кинеските граници, за да не ѝ се даде шанса на заразата да се прошири?

СЗО и ЕУ од небрежност ја жртвуваа Италија?!

Како последица на ненавремената реакција, вирусот дојде во Европа, влегувајќи прво во Италија. За жал, во тие моменти ЕУ не го направи тоа што беше неопходно да се направи.
– Италијанците не се виновни за она што ги снајде, тие се само жртва на погрешните процени од страна на СЗО и на ЕУ, кои мораа да ѝ ја испратат на Италија целата можна медицинска и научна помош. Тоа значи испраќање виролози, епидемиолози, инфектолози… и сета потребна опрема за земјата да се стави во комплетен карантин – само така ќе се спречеше понатамошното ширење на вирусот. Меѓутоа, СЗО и ЕУ не го направија тоа и паднаа на испитот. Причина беа стопанските и трговските лоби-групи, кои извршија притисок за незатворање на европските граници, заради опасност од намален профит – остро обвини во јавноста д-р Андреј Трампуж, признаен словенечки инфектолог, кој долги години работи во берлинската болница „Шарите“.
Тој смета дека овие кардинални грешки доведоа до ширење на ковид-19 низ целиот европски континент.

– Ако границите меѓу државите беа затворени навреме, ништо од ова немаше да се случи. Но кога Италија веќе беше зафатена со вирусот, оттаму 20.000 Италијанци секојдневно одеа на работа во Швајцарија, патувајќи непречено и разнесувајќи ја несвесно заразата. Ист е случајот и со Шпанија и со Италија.
Да не спомнувам дека СЗО мораше да даде препорака за прекин на сите патници и стоки што доаѓаат од Кина, зашто само на тој начин ќе се запреше протокот на коронавирусот низ светот. За жал, тоа не беше направено. СЗО постојано испраќаше смирувачки информации, според кои се водеше целиот свет. Откога се утврди за што точно станува збор, веќе беше доцна. Секоја европска држава реагираше самостојно и на свој начин, а тоа не донесе ништо добро. Исклучок беа оние држави каде што властите знаеја да предвидат што ќе следува, па рестриктивните мерки беа донесени навремено – вели д-р Трампуж.

ЕУ не е единствена во своите катастрофални грешки

Според мислењето на инфектологот Трампуж, ЕУ не е единствената што лошо реагирала на ситуацијата. „Огромни грешки беа направени и од страна на Доналд Трамп. Тој донесе забрана за летови од Кина во САД откако Европа стана жариште на пандемијата. Во тој момент не ги забрани и летовите од Европа кон САД, па, така, овој сообраќај се одвиваше непречено. Поради тоа американскиот претседател сега се соочува со огромни проблеми. Американските власти беа целосно неподготвени за надоаѓањето на епидемијата на ковид-19.“
Сакавме да дознаеме каква е моменталната состојба во Германија, која почна полека и внимателно да ги ублажува безбедносните мерки.
– Како што знаете, најподложни на заразата се токму здравствените работници. Моментално во Германија имаме 8.400 инфицирани медицински лица, што изнесува 10 отсто од вкупната бројка на вработени во здравствениот сектор. На колегата што работи со мене е позитивен на коронавирусот му е дијагностицирана потешка форма на болеста, со сериозна пневмонија. Се разбира, под најголем удар се медицинарите, кои се во постојан контакт со заболените, па постојано се изложени на опасност од зараза – вели нашиот соговорник.

Најбитен показател е репродукцискиот број Р

Што се однесува до ублажувањето на мерките, морам да кажам дека е почнат тој процес, но уште е рано да се зборува за нивно понатамошно „олабавување“ – можеби ќе биде потребно да се вратиме на заострените превентивни мерки, смета д-р Трампуж.
За носење соодветни одлуки, решавачки ќе биде репродукцискиот број Р, кој е показател за тоа колку луѓе може да зарази една заболена личност.
– Во екот на најголемата зараза, во Германија бројот Р изнесуваше 3 (три), што значи дека еден инфициран можеше да зарази уште тројца нови. По некое време падна на 2, па на 1,5, па на 1,0 и на крајот „застана“ на 0,7. Тогаш решивме да ги ублажиме мерките. Но веднаш откако го сторивме тоа, луѓето почнаа да излегуваат надвор и бројот Р се зголеми на 0,8. Ќе видиме како понатаму, ако продолжи да се зголемува, повторно ќе мора да им се вратиме на заострените мерки.

Репродукцискиот број Р може да се пресмета ако има доволно тестирани и ако резултатот се добие истиот ден! Имено, личноста што е инфицирана мора веднаш да ја известиме и да ја ставиме во изолација, зашто ако резултатот го добиеме по ден-два, тоа е веќе доцна – во тој период заразениот би можел да инфицира уште некого. Досега имаме направено повеќе од 1,5 милион тестирања и добро знаеме каде најмногу се шири вирусот, но исто така мора да кажам дека често сме изненадени на какви сѐ локации го наоѓаме – објаснува д-р Трампуж.

Зошто Германија има многу помалку смртни случаи од ковид-19

Иако Германија има 83 милиони жители, во однос на Италија, Шпанија, Франција, Велика Британија и на САД, таа има многу помалку смртни случаи како последица на коронавирусот.
– Во Германија веднаш се реагираше. Не се чекаше што ќе одлучат СЗО или ЕУ. Во оваа пандемија решавачка беше брзината на реакцијата за воведување превентивни мерки. Наедно, за разлика од САД и од Велика Британија, во минатото Германија вложуваше многу за развој на јавното здравство, па сега германскиот здравствен систем е многу подобар од нивните.

Германија сѐ уште има околу 30 отсто слободни капацитети во јавното здравство, додека во САД и во Велика Британија повеќе се вложуваше во приватниот сектор. Тоа беше грешка – вели тој.
Според д-р Трампуж, Германија има одлична примарна здравствена заштита, која го понесе најголемиот товар во борбата против ковид-19.
– Ова е и причината зошто германските болници не се пренатрупани. Лекарите од примарното здравство завршија лавовска работа, тие третираа огромен процент од заболените, па болниците беа ослободени од притисокот што им се случи на САД и на Велика Британија – дециден е реномираниот инфектолог.

Носењето маски ќе биде задолжително

За уште поефикасна борба против коронавирусот, во некои германски покраини е воведено задолжително носење маски во јавноста.
– Засега две од вкупно 16 покраини донесоа уредба што се однесува на задолжителното носење маски во јавноста. Таа стапи во сила од понеделникот. Најверојатно овој пример ќе го следат и другите покраини. Во ваков случај, не е важно дали некое лице е заразено, зашто маската ја штити здравата личност од зараза. Носењето маска ја намалува можноста од инфекција дури за 95 отсто.

Од нашиот соработник во Хрватска Ангел Митревски