Фото: Игор Бансколиев

Здравјето и здравствената состојба на граѓаните се врвен приоритет за државното раководство, институциите, политичките партии и воопшто за сите релевантни фактори во земјава. И ако се тргне од таа премиса, тој став дава легитимитет за сите чекори што се преземаат, па дури и тогаш кога таквите чекори и преземени мерки не се предвидени со позитивните прописи, а некои од нив дури и ги кршат пропишаните норми, односно немаат легална основа за спроведување. Таквите специфични случаи, поради одредени системски вкоренети аномалии, сѐ почесто се случуваат кај нас, па нашиот систем и поредок често се предмет на забелешки и приговори и на надворешни и на внатрешни правни експерти

Повторно судир на принципот на владеењето на правото со јавниот интерес, односно на легалитетот со легитимитетот

Влегувањето во вонредна состојба, пред повеќе од еден месец, поради спречување на ширењето на пандемијата на коронавирусот, на Македонија ѝ се случи во особено специфичен политички момент, што континуирано создава предизвици и дилеми во однос на функционирањето на правниот поредок во државата.

Продолжувањето, односно прогласувањето на нов едномесечен период на вонредна состојба, на 16 април, од страна на претседателот на државата Стево Пендаровски, повторно го истакна уставно-законскиот вакуум на распуштеното Собрание и справување со кризата со техничка влада, која своето оперативно функционирање го спроведува преку уредби со законска сила.
При продолжувањето на вонредната состојба, претседателот Пендаровски нагласи дека Уставот не предвидел ваква состојба (нефункционално Собрание и техничка влада), па одлуката ја носи надвор од неговиот уставен легитимитет.

– Претседателот на државата и претседателот на Собранието имаат ист легитимитет, па однесувањето на претседателот на Собранието со себеизземање, односно на парламентот, во одлуката за прогласување и продолжување на вонредната состојба, претставува своевиден политички луксуз. Така претседателот на државата се става во незавидна позиција да одлучува надвор од својот уставен легитимитет – смета Ставре Џиков, поранешен републички јавен обвинител.
Во однос на одлуката на претседателот Пендаровски за вонредната состојба, партијата Левица веќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за поништување на втората одлука за утврдување постоење вонредна состојба. Во иницијативата е доставено и „барање за итно изрекување привремена мерка за негово запирање за извршување, поради тоа што можат да настанат тешко отстранливи штетни последици по правната сигурност на граѓаните“.

Познато е дека ваквата (уставно-правно непоткрепена) ситуација во која се најде Македонија во услови на глобална пандемија е резултат на закажаните (па одложени) парламентарни избори и веќе започнатите изборни активности. Поради изборите, т.е. според пржинскиот договор, уште на 3 јануари почна да функционира техничка влада, а Собранието се самораспушти во законскиот рок од шеесетина дена пред одржувањето на изборите. Изборните активности беа прекинати со прогласувањето на вонредната состојба, но и во поглед на евентуално продолжување на изборните процеси останаа многу правни недоречености. Некои од тие недоречености се: дали треба изборите повторно да се распишат и процедурата да почне од почеток или да се продолжи со активностите од таму каде што е застанато. Според професорката на Правниот факултет при УКИМ, Татјана Каракамишева-Јовановска, за одредување нов изборен ден не се надлежни ниту Владата ниту ДИК, а изборниот процес треба да почне од почеток.

– Венецијанската комисија смета дека избори треба да се организираат дури по истекот на 60 дена од денот кога престанала вонредната состојба затоа што „изборите бараат мирна политичка атмосфера и целосно почитување на сите слободи и човекови права, како предуслов за целосно гарантирање на јавниот поредок и јавната безбедност“. Впрочем, и нашиот устав го утврдува рокот од 60 дена за одржување на изборите, но сведоци сме на неуставна уредба донесена од Владата со која „се запираат“ изборните дејства до престанокот на вонредната состојба, со барање ДИК да ги продолжи веднаш по престанокот на вонредната состојба, нешто што е спорно, незаконски и неуставно.

ДИК е орган задолжен да ги организира и да ги спроведе изборите, но тој не може да ги продолжи изборните дејства без утврден нов изборен ден, а изборниот ден не може да го утврдат ниту Владата ниту ДИК. Новиот изборен роковник на ДИК мора да се направи врз основа на новиот изборен ден, а таков не е утврден – вели професорката Каракамишева-Јовановска.
Со варијантата за нова изборна процедура, односно со ново распишување на изборите би требало да се оди само во услови ако има значителна промена на кандидатските листи: во случај некои од кандидатите да се откажале поради болест, можеби починале во меѓувреме, или од некоја друга причина.

Но ако нема такви промени во кандидатските листи, сметам дека изборните активности треба да продолжат од состојбата во која биле прекинати, смета Ставре Џиков, кој во својата правна биографија извршувал функција на претседател на Изборната комисија на почетокот од независноста на Македонија и бил член на ДИК на изборите од 1994 година.


Венецијанската комисија ќе ги прегледува сите
уредби донесени со законска сила на нашата влада

Професорот на Правниот факултет при УГД-Штип, Димитар Апасиев, на социјалните мрежи укажува дека во првиот месец од вонредната состојба, Владата донела 120 уредби со законска сила, но дека барем 80 не биле поврзани со управување и регулирање на состојбите предизвикани од корона-кризата. На таквиот заклучок се надоврзува и Ставре Џиков, кој како најеклатантен пример ја наведува уредбата за исплата на надоместоци на непостојна институција, како СЈО.

– Владата, во овој момент, нема уставна основа за носење уредби што не се поврзани со причините за прогласување вонредна состојба. Една од таквите уредби е онаа за вршење исплата на непостојна институција (како СЈО), што може да се гледа и како злоупотреба на техничката влада со носење уредби, кои не се поврзани со справување со пандемијата. Верувам дека таа и другите такви уредби ќе бидат оспорени пред Уставниот суд, поради дејствување надвор од уставните овластувања и надвор од вонредната состојба – вели поранешниот јавен обвинител Ставре Џиков.
За издвојување е дека Венецијанската комисија побара од нашата влада да ѝ ги достави сите уредби со законска сила што се донесени од почетокот на воведување на вонредната состојба за да види „дали има прекршување на Уставот“ односно „дали уредбите со законска сила се однесуваат на борбата со коронавирусот“.

Наедно, Венецијанската комисија побара парламентарна и судска контрола на сите правни акти донесени од Владата и претседателот на државата за време на вонредната состојба, за заштита на владеењето на правото. Но од Венецијанската комисија истакнуваат дека ова барање на се однесува само за нашата земја туку за сите држави каде што, заради спротивставување на ширењето на пандемијата, биле воведени вонредни состојби.