По балканската премиера, оркестарската верзија на проектот „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите, која беше изведена на сцената на македонските филхармоничари неодамна со камерниот оркестар „Ајга“ и диригентката Ана Спасовска, ја продолжи својата благородна мисија на сцената на салата „Бугарија“ во бугарската престолнина, со еден од водечките оркестри во регионов, Софиската филхармонија. Ова исклучителното дело е изнедрено од македонската традиционална музика низ перото на нашиот композитор Панде Шахов.
Како што соопштува „КултурОп“, квинтетот „Македонисимо“ настапи во оригиналниот состав: Симон Трпчески на пијано, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на удиралки, заедно со Софиската филхармонија, под палката на исклучителната млада диригентка Ана Спасовска, која го имаше своето деби со познатиот бугарски оркестар.
– Долготрајните аплаузи од софиската публика беа наградени со три изведби на бис, а особено одушевување предизвика гостувањето на познатата бугарска певица Александра Борисова, која им се приклучи на музичарите на сцената. Меѓу присутните беа и бугарскиот министер за култура, прославениот диригент Најден Тодоров, како и македонската амбасадорка во Бугарија, Агнеса Руси Поповска – велат од „КултурОп“.
И додека следната квинтет-изведба на „Македонисимо“ е закажана за 9 јуни во Глазгов, Шкотска (како дел од резиденцијалниот циклус концерти на нашиот пијанист од светски глас со Кралскиот шкотски национален оркестар), Симон Трпчески до крајот на овој дел од сезоната го очекуваат и редовните концертни гостувања во Соединетите Американски Држави, Велика Британија и во Германија.