Бројот на смртни случаи како последица на коронавирусот е многу поголем отколку оној што се пренесува во владините податоци, бидејќи истите ги опфаќаат само оние кои умираат во болниците, изјави денеска претседателот на Федерацијата на француски болници.

Во Франција, до вторникот 1.100 луѓе починаа од ковид-19. На 14 март регистрирани беа 91 смртен случај, а од тогаш е забележано десеткратно зголемување за 11 дена. Ова е просечно зголемување од 28 проценти на ден.

Во вторникот, Франција стана петта земја во светот со повеќе од 1.000 мртви, по Кина, Италија, Иран и Шпанија.

– Ги знаеме само бројките објавени од болниците – рече Фредерик Валетукс од Федерацијата на француски болници.

Според него, апсолутниот број би бил многу поголем доколку се земе предвид и бројот на починати во старечките домови како и оние кои починале во своите домови.