Холанската влада донесе одлука од утре да воведе дополнителни ограничувања, вклучувајќи и ноќно затворање на кафулињата, рестораните и повеќето продавници, за да го запре рекордниот раст на случаите на ковид-19, што се заканува да го урне здравствениот систем на земјата.
До зголемување на бројот на новозаразени лица во Холандија, што е најлошо во Западна Европа, се случува иако е вакцинирана 85 отсто од возрасната популација во земјата, а инфекцијата најмногу расте кај учениците кои не биле вакцинирани.
– Дневниот број (на заразени лица) е висок, повисок, највисок – рече привремениот премиер Марк Руте на прес-конференција емитувана на телевизија.
Актуелниот бран на зарази во Холандија, што во последните недели надминува по 20.000 случаи на ден, продолжи и покрај ограничувањата од владата на Руте, кои вклучуваат повторно носење маски за лице и затворање кафулиња и ресторани по 20 часот.
Руте на вчерашната прес-конференција кажа дека продавниците што не се клучни за населението ќе бидат затворени од 17 часот до 5 часот наутро и дека маските за лице ќе бидат задолжителни во средните училишта.
Владата ги охрабрува сите кои можат да работат од дома, а доколку не можат, мора да се придржуваат до правилата за социјално дистанцирање.
Дел од експертите тврдат дека ќе биде потребно кратко, но речиси целосно затворање, во кое ќе бидат опфатени училиштата, за да се намали бројот на заразени.