Фото: Принт-скрин

Од најголема важност е земјите од Западен Балкан, по 20 години давање европска перспектива, да добијат веродостојно ветување дека ќе им се даде можност да влезат во ЕУ, истакна денеска во Брисел германскиот канцелар Олаф Шолц.

Пред Самитот на ЕУ тој кажа дека шефовите на држави и влади на Унијата денеска имаат важна дискусија со земјите од Западен Балкан.

– Граѓаните на Западен Балкан веќе 20 години чекаат можност да станат членки на ЕУ. Од најголема важност е тие да добијат веродостојно ветување по многуте напори што ги направија на патот. Германија чувствува одговорност да им даде можност на земјите да се приклучат – рече тој.

Шолц додаде дека на земјите од регионот во 2003 година, на самитот во Солун, им било ветено дека ќе станат членки на ЕУ, а потоа имало надеж дека тоа може да се случи во рок од пет до 10 години.

– По 20 години мора да се направи чекор напред. Германија ќе ги поддржи земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ и чувствува одговорност да биде успешна на тој пат – нагласи Шолц.

Германскиот канцелар кажа дека најважното прашање е да се работи на тоа на земјите од Западен Балкан да им се даде вистинска можност да станат членки на ЕУ.


Борел: Една земја го блокира целиот процес на проширување, ЕУ мора да го вклучи Западниот Балкан во „својот свет“

Денеска не е добар ден, бидејќи требаше да го започнеме пристапниот процес со две земји, но не можеме, затоа што една држава го блокира целиот процес на проширување, изјави денеска во Брисел високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел пред почетокот на Самитот ЕУ – Западен Балкан.

Тој изрази незадоволство поради недостигот на напредок во Бугарија во однос на отворањето на пристапните преговори со Македонија и Албанија, додавајќи дека тоа покажува оти принципот на консензусот не е добро решение за носење одлуки во ЕУ.

– Овој случај уште еднаш покажа дека консензусот е проблем при одлучувањето. Не можеме да продолжиме, затоа што една земја блокира – потенцира Борел.

Тој истакна дека ЕУ мора да стори се за да го вклучи Западниот Балкан во „својот свет“, нагласувајќи дека тоа ќе може да се направи со покана на земјите од регионот да учествуваат на состаноците на министрите за надворешни работи на ЕУ и на други собири.

– Мораме да продолжиме да го спречиме гаснењето на европскиот пламен на Западниот Балкан – потенцира Борел.

Сепак според него, има една добра вест, а тоа е напредокот во дијалогот меѓу Белград и Приштина во сферата на енергетиката.

– Тоа е многу важен чекор напред и ќе продолжиме да работиме понатаму. Можно е да имаме состанок на највисоко ниво до крајот на месецот, додаде евро претставникот.