Фото: Приватна архива

Возрасните што пелтечат не се оставени сами на себе. Третманот на децата што почнале да пелтечат пред да наполнат четири години треба да почне пред нивната петгодишна возраст

Автор: Викторија Сиљаноска, логопед специјалист, Тимот А

Иако важи за едно од најстарите говорни оштетувања и покрај многуте истражувања и теории поврзани со пелтечењето сé уште треба да се истражува за да се откријат повеќе детали за ова специфично говорно нарушување. Фактот дека не постои универзален пристап при третман на пелтечење го мотивира логопедот постојано да ја истражува оваа проблематика, да се запрашува, да истражува и да открива пристапи за третман на пелтечење. Стручното лице мора да открие што ќе овозможи полесна соработка меѓу логопедот и клиентот и кои техники даваат најдобри резултати. Во изборот на техника при третман на пелтечење важна улога има и карактерот, упорноста, мотивацијата и волјата на клиентот со кој се работи. Во третман на пелтечење покрај логопедот може да се вклучени и невролози и психотерапевти.

Според меѓународната класификација на болести дефиницијата за пелтечење е следна: „Пореметување на ритамот на говорот при кој лицето точно знае што сака да каже, меѓутоа во исто време е неспособно тоа да го каже поради неможност, повторување, продолжување или прекинување на некој глас”.

Да го прифати фактот дека пелтечи

Пелтечењето е специфична проблематика. Во третманот на пелтечење покрај терапијата која ја дава логопедот, многу е важно клиентот (доколку станува збор за возрасен клиент) да го прифати фактот дека пелтечи, односно својот предизвик да си го признае себе си и да не се срами од сопственото зборување. Многу луѓе што пелтечат со години избегнуваат да го признаат тоа. Но, докажано е дека доколку луѓето се искрени со себе и си го признаат сопствениот проблем и покрај моменталното повредување на нивната гордост, тензијата и стресот потоа стануваат поредуцирани.

Да работи на себе

Важно е клинетот покрај работата со логопед да се посвети и на работа на себе, да верува дека ќе успее во својата цел да постигне нормален говор и да е самодисциплиниран, а логопедот, но и најблиското опкружување на лицето кое пелтечи треба да бидат трпеливи, затоа што пелтечењето нема туку така да исчезне.

Фото: Приватна архива

Нема универзален третман, но има успешни техники

Не постои универзална техника за пристап во третман на пелтечење, постојат различни техники кои логопедите ги употребуваат при работа со клиенти што пелтечат, но треба да се знае дека главни техники во третманот на пелтечење се: вежби за дишење и вежби за релаксација. Некои од техниките за подобрување на говорот се опуштање на вилицата, усните, јазикот и дишење на дијафрагма.
Според книгата „Нема чудотворен лек”, а и според многу други автори усвојувањето на ваквите техники и вежби може да се стекне брзо, но за да се применат 2 потребни се илјадници часови вежбање. Примената на стекнатите техники е голем предизвик во стресните животни ситуации.
Некои од техниките се клиентот да зема краток здив на дијафрагма и бавно да го ослободи воздухот пред почеток на говор или издолжување на самогласки и некои согласки, многу автори се согласуваат дека при третман на пелтечење важно е и клиентот да се научи на ритмично говорење.

Каков е пристапот кај децата?

Кај децата пристапот може да биде и со директна вклученост на логопедот во третман и со индиректен пристап на логопедот преку совети за секојдневно функционирање дадени на родителите и најтесното опркужување на детето, во зависност од видот на пелтечењето. Помеѓу втората и третата година од животот кога детето го учи говорот и употребува многу нови зборови, но некои од нив сé уште не може да ги изговори правилно доаѓа до повторување и паузирање во текот на говорот. Се препорачува на таквата нефлуентност да не се обрнува внимание и се очекува да исчезне сама од себе. Но, доколку говорот и понатаму, подолг временски период е нефлуентен важно е родителите да консултираат стручно лице.

Не сте оставени сами на себе

Важно е да се знае дека возрасните кои пелтечат не се оставени сами на себе и дека постојат техники за говорење што можат да им ја олеснат секојдневната комуникација. А, родителите треба да обрнуваат големо внимание на своите деца во текот на развојот, а третманот на децата што почнале да пелтечат пред да наполнат четири години треба да почне пред нивната петгодишна возраст.