Фото: Твитер/Украинско СБУ

Врховниот воен командант на Украина, генерал Валериј Залужњи, изјави дека војната со Русија преминува во нова фаза на статични и исцрпувачки борби, па предупреди, дека тоа може да биде од корист за Москва и да и овозможи да ја врати својата воена моќ.

Во интервју за „Економист“, Залужњи рече дека на украинската армија и се потребни клучни нови воени капацитети и технологија, од кои најважно е воздушното воено засилување, со цел да излезе од новата фаза на војната, која влезе во 21. месец.

Интервјуто што го даде за угледно списание беше објавено по речиси пет месеци од големата украинска контраофанзива, со која украинската армија не успеа да направи значителен пробив кон силно минираните руски одбранбени линии или да го постигне очекуваното забавување на борбите пред зима.

Со оглед на тоа што руските трупи се во офанзива во делови од источниот дел на земјата, Киев стравува дека Москва планира да започне кампања со воздушни напади за да ја оневозможи електричната мрежа, оставајќи милиони жители во мрак и без топлина среде зима.

Залужњи смета дека Украина мора поефикасно да ја уништи руската артилерија и да осмисли подобра технологија за пробивање на руските линии за минска одбрана, пренесе „Хина“.

Тој додаде дека залихите на оружје на Западот се покажале недоволни со оглед на долгите руски мински полиња. Во некои области, тие се протегаат и до 20 километри.

Тој остро ги опиша исцрпувачките борби: „Ова ќе биде во корист за Русија“. Тоа ќе ѝ овозможи да ја врати својата воена моќ, што на крајот ќе им се закани на украинските вооружени сили и на самата држава“.

Тој рече дека приоритет за Украина е зајакнување на резервните сили, иако Украинците имаат ограничен капацитет да ги обучуваат во земјата.

– Ние се обидуваме да ги решиме тие проблеми. Воведуваме единствена евиденција на регрути, а мора да ја прошириме и категоријата граѓани кои ќе можеме да ги поканиме на обука или мобилизација – рече Залужњи.