Договорот за стратешко партнерство што лидерите на Русија и Северна Кореја го потпишаа денеска вклучува клаузула за заемна одбрана, според која двете земји се обврзуваат да си помагаат меѓусебно да се одбие надворешната агресија – изјави рускиот претседател Владимир Путин, пренесува „Хина“.
– Договорот за сеопфатно партнерство потпишан денеска, меѓу другото, предвидува взаемна помош во случај на агресија врз една од страните на овој договор – рече Путин.
Путин го привлече вниманието на изјавите на Соединетите Американски Држави и другите земји од НАТО, кои се согласија да и дозволат на Украина да напаѓа цели во Русија со оружје испорачано од Запад.
– Ова не се само изјави, ова веќе се случува и сето тоа е грубо кршење на ограничувањата што западните земји ги презедоа како дел од различни меѓународни обврски – рече Путин.
Путин се состана со Ким Џонг-ун на редок самит чија цел беше зајакнување на партнерството за да се спротивстави на американскиот притисок и санкции.
– Високо ја цениме вашата доследна и непоколеблива поддршка за руската политика, вклучително и кон Украина – рече Путин на почетокот на разговорите со Ким – пренесе руската државна новинска агенција „РИА“.
Путин рече дека Москва се бори против хегемонистичката, империјалистичка политика на Соединетите Американски Држави и нивните сојузници – пренесоа руските медиуми.
Ким рече дека односите меѓу Северна Кореја и Русија влегуваат во период на нов просперитет, се наведува во соопштението.
– Сега ситуацијата во светот е комплицирана и брзо се менува. Во таква ситуација имаме намера дополнително да ја зајакнеме стратешката комуникација со Русија, со руското раководство – рече Ким.