Фото: ЕПА

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден упати нова понуда до Русија, чија цел беше ослободување на Американците Пол Вилан и Еван Гершкович од руските затвори, но Москва ја одби.

Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер не разговарал за деталите за понудата или зошто Русија ја одбила, но информациите што тој ги обелодени сугерираат дека Вашингтон сè уште преговара со Москва за да се обиде да ги врати Вилан и Гершкович дома – пренесе „Танјуг“, повикувајќи се на „Гласот на Америка“.

– Русите го отфрлија предлогот, но тоа нема да не спречи да продолжиме да правиме се што можеме за да ги вратиме двајцата дома – рече тој на прес-конференција во Вашингтон.

Вилан, експерт за корпоративна безбедност од Мичиген, е во руски затвор од декември 2018 година, кога беше уапсен под обвинение за шпионажа.

Тој е осуден на 16 години затвор, а тој и американската влада ги негираат обвиненијата.

Гершкович, известувач на американскиот весник „Вол стрит журнал“ (Wall Street Journal), беше приведен во март додека бил на новинарска задача во рускиот град Екатеринбург, на околу 2.000 километри од Москва.

Руските власти го обвинија за шпионажа, обвинение што Гершкович и „Вол стрит журнал“ го негираат.