Северна Кореја денеска се закани дека ќе преземе „невиден, силен одговор“ доколку Јужна Кореја и САД продолжат со планираните воени вежби и ги обвини дека ги зголемуваат тензиите во регионот.
Во соопштението пренесено од државната новинска агенција КЦНА, севернокорејското Министерство за надворешни работи соопшти дека ќе разгледа дополнителна воена акција доколку Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), за кој наведува дека е под влијание на САД, продолжи да врши притисок врз Пјонгјанг.
Соопштението доаѓа во момент кога Јужна Кореја и САД се подготвуваат за годишни воени вежби како дел од напорите за подобро спротивставување на, како што ги нарекуваат, „растечките нуклеарни и ракетни закани“ на Северна Кореја.
Министерството за одбрана на Јужна Кореја денеска соопшти дека следната недела во Вашингтон ќе се организираат теоретски воени вежби кои ќе имаат за цел унапредување на употребата и одговорот на нуклеарното оружје и дека следниот месец во Јужна Кореја ќе бидат организирани редовни пролетни воени вежби „Штитот на слободата“.