Премиерот Димитар Ковачевски достави до Собранието предлог за реконструкција на Владата, за четворица министри и пет заменици министри, откако вчера ги заокружи преговорите за влез во владиното мнозинство на Алијансата за Албанците. Нови кадровски решенија има за министерствата за правда, за здравство, за информатичко општество и администрација, каде доаѓаат кадри од АА, и за животна средина и просторно планирање, каде наместо ДУИ ќе раководи СДСМ.
Владината прес-служба претпладнево соопшти дека Кренар Лога е предложен за министер во Министерството за правда, Фатмир Меџити во Министерството за здравство, Азир Алиу во Министерството за информатичко општество и администрација, сите тројца од редовите на АА, додека предлогот за нов министер во Министерството за животна средина и просторно планирање е Каја Шукова од СДСМ.
Лога доаѓа на местото Никола Тупанчевски, ресор со којшто досега раководеше СДСМ, Меџити на местото на Беким Сали од Алтернатива, а Алиу на местото на Адмирим Алити, исто така од Алтернатива. Шукова ќе треба да го замени Насер Нуредини од ДУИ.
Со реконструкцијата се опфатени и заменици министри во пет министерства, за одбрана, за правда, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за образование и наука и за здравство.
Предложени се заменици министри во Министерството за одбрана – Тирон Јајага од Алијанса за Албанците, а од редовите на оваа партија е и Вјолца Бериша за заменичкото место во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Предлогот на Ковачевски за заменик министер во Министерството за правда е Викторија Аврамовска-Мадиќ од СДСМ, за во Министерството за здравство Маја Манолева, а за во Министерството за образование и наука – Агим Нихиу од ДУИ.
Коалицискиот партнер Алтернатива, кој раководеше со министерствата за здравство и за информатичко општество и администрација, за утре најави седница на Претседателството на која ќе одлучува за натамошното делување.