Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје/Фото: Град Скопје

Караницата помеѓу градоначалничката Данела Арсовска и претседателот на Советот Трајко Славески поради микрофонот на говорницата ја одбележа денешната седница на Советот на Град Скопје по која беше повикана и полицијата.

Славески го зема микрофонот од говорницата и го стави под неговата маса, откако службите не му го вратија копчето со кое може да го исклучи микрофонот доколку градоначалничката и советниците не се придржуваат на дневниот ред и деловникот за работа.

– Бидејќи не ми е вратено копчето нема да може да се зборува од говорница, туку ќе зборите од место. А градоначалничката може да дојде тука, до мене има микрофон, наместо да седи во магерешките клупи – истакна Славески.

Арсовска набргу потоа постави подвижен микрофон кој не може да се исклучи, па влезе во расправија со Славески и со дел од советниците на ВМРО-ДПМНЕ.

– Вие сте деспот и тиранин. Јас имам право да се искажам од говорница согласно деловникотр – кажа Арсовска додавајќи дека Славески има право да одземе збор на советник, а не на градоначалник.

Славески одговори дека можеби е Хитлер, по што ја одложи седницата за 14 ноември, пред редовната седница на Советот на Град Скопје, поради опструкции и непостоење услови за нејзино одржување.

Арсовска реагираше дека на Славески не му доликува да прави циркус.

Градоначалничката потоа повикала полиција и го пријавила Славески дека го украл микрофонот од говорницата, според известувањето на присутните медиуми, при што градските служби им дале изјава на полицајците дека е извршена кражба со која е оштетена институцијата.