За жал, заклучоците на Советот не се во согласност со нашите оправдани очекувања и сигурно не се во рамките на претходните најави на самата Унија, порача претседателот Стево Пендаровски, во своето обраќање по последните одлуки на Советот на ЕУ во однос на определувањето датум за почеток на преговори за членство на нашата држава во Унијата.

Разбирливо е што во овие моменти кај многумина постои чувство на разочараност, меѓутоа, емоциите на страна, мораме трезвено да се соочиме со новата реалност. Ниту една политичка одлука не е за вечни времиња, ниту еден развој на настаните не е конечен. Неспорно е дека ги исполнивме сите предуслови за почеток на преговорите и тоа беше констатирано на претходната средба на Советот во јуни, кога без други забелешки, беше заклучено дека од технички причини поврзани со временскиот лимит, по штотуку завршените евроизбори, одлуката ќе биде донесена на самитот во октомври.

Идејата за обединета Европа е право на сите Европејци и тоа никој не може да им го одземе. Ние сме европска држава и имаме право да бидеме дел од заедничкиот европски дом. Нашата држава има многу искрени пријатели и сојузници во Европа. Во овие моменти кога некои од нас се преиспитуваат, сакам јавно да кажам дека ние во Европа немаме непријатели, постојат само држави кои имаат свои специфични национални интереси кои ги штитат и во тоа нема ништо спорно.

Сведоци сме дека огромното мнозинство држави се бореа и се борат за нашите интереси како што се борат за сопствените национални интереси.

Членството во НАТО ќе се случи наскоро, а членството во ЕУ, знаеме одамна, нема да биде задача само на една влада, на еден парламент или на еден претседател.

Убеден сум дека ако го сакаме доброто на сопствената земја, единствениот исправен пристап, имајќи ги во предвид новите околности е да бидеме уште порешителни во трансформацијата на нашето општество.

Ние не треба да бидеме само формално членка во унијата, туку реално да го усвоиме системот на вредности и нивна примена во секојдневниот живот на граѓаните.

Реформите во многу области, а особено функционирањето на правната држава, мора да продолжат и да се интензивираат без никакви калкулации.

Справувањето со организираниот криминал и високата корупција не се само услов за интеграциите, тие се, многу повеќе, нужност за опстојувањето на еден одржлив правен поредок. Токму затоа, во името на нашата иднина ги повикав раководствата на најголемите политичките партии, за момент да ги остават настрана своите легитимни партиски интереси и сите заедно да ја реафирмираме нашата визија за иднината на земјата.

За таа цел упатив покани за лидерска средба до претседателите на најголемите парламентарни политички партии и од власта и од опозицијата. Убеден сум дека токму сега е време да покажеме единство околу нашата стратешка ориентација, без разлика на легитимните политички разлики по многу прашања. Сакам да ја информирам македонската јавност дека од сите поканети добив позитивен одговор и таа средба е веќе закажана за в недела, на 20 октомври.

Сега не е време за разочарување, за апатија или за калкулации за добивање на ситни дневно-политички поени. Сега е време за повторно обединување околу она што ни е најважно во Република Северна Македонија – нашата иднина и иднината на генерациите што доаѓаат, порача Пендаровски.

https://youtu.be/BbQGOMmEJh8