Вашингтон пост

Автор: Ишан Тарор

Се случи сериозен пресврт на настаните. Со години Турција поразително гледаше како подалечните сили како САД, Русија и Иран се мешаа во крвавиот сириски конфликт на нејзината јужна граница. Со години бесцелно, Турција бараше од САД да ја запрат поддршката за контроверзната сириско-курдска фракција која наводно беше поврзана со одметнатата сепаратистичка група во рамки на своите граници. Со години Турција се спротивставуваше на непријателскиот Вашингтон, наводниот сојузник чии политичари од разни причини честопати ја сметаа Анкара за противник.

Сето тоа одеднаш се промени благодарение на претседателот Трамп. Истиот тој Трамп кој пред помалку од две недели ја одобри турската инвазија на североисточна Сирија, сега ја повлече поддршката за курдски предводените Сириски демократски сили (СДФ). Истиот Трамп кој покрај силните критики во Вашингтон, ги поддржа турските тврдења дека СДФ се „комунисти“ и „терористи“. Токму Трамп во четвртокот го поздрави „договорот“ склучен со Турција, со кој ефикасно се задоволија повеќето барања на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган додека истовремено се ублажи заканата од американските санкции врз ранливата економија на неговата држава.

По неколкучасовниот состанок во претседателската палата на Ердоган, потпретседателот Пенс соопшти дека Турција се согласила да ја прекине офанзивата пет дена, а во тој период САД ќе треба да го олеснат повлекувањето на курдските борци од појасот долж сириско-турската граница. Немаше индикации кога и дали Турција ќе се повлече од огромната означена „безбедносна зона“ која ја опфаќа турската граница и навлегува 32 километри во територијата на Сирија.

Ѓонул Тол, директорката на турските студии на Институтот за Блискиот Исток, изјави за „Вашингтон пост“ дека „новиот договор меѓу Турција и САД е „голем подарок за Турција ако истиот се испочитува“. Ердоган ова отсекогаш го посакувал, односно 32 километри длабока зона без пристап на ЈПГ, а санкциите ќе бидат повлечени ако се почитува прекинот на огнот. Проблемот е што во таа област има руски режимски сили поради кои тешко ќе тече спроведувањето на договорот“.

Ердоган треба да се сретне за преговори со рускиот претседател Владимир Путин на почетокот од следната недела, што ќе истакнат до која мера политичката иднина на Сирија ќе зависи од политичарите во Анкара и во Москва.

Трамп ја оправда неговата одлука да се повлече од североисточна Сирија за да го исполни ветувањето дека ќе ги тргне САД од конфликтите на Блискиот Исток. Но голем геополитички земјотрес предизвика повлекувањето кое сè уште е релативно мало, особено во споредба со присуството на американската војска на други места во регионот каде што Трамп реши да ја остави. Режимот на Асад успеа да поврати поголем дел од територијата во изминатите неколку дена отколку што успеа за неколку месеци. Посебно сведоштво се снимките од руски војници и новинари кои се радуваат во напуштените американски воени кампови објавени на социјалните медиуми.

Во Вашингтон имаше поголемо негодување. Сенаторот од Јута, Мит Ромни, во одбрана на СДФ порача дека „примирјето не го менува фактот што Америка ја повлекла поддршката за еден сојузник со што срамот прераснал во навреда. Администрацијата користела слаткоречив наратив што дури и делувал несериозно, додека нивниот сојузник се соочувал со загуба на човечки животи, ранети, уништени домови и разделени семејства“.

Од друга страна, Трамп не делува многу загрижено. Тој даде приоритет на мир со Турција на Ердоган, кој за многумина во Вашингтон е персона нон грата, наместо да ја заштити автономијата на заедниците поддржани од СДФ. Претставници блиски до администрацијата на Трамп исто така зборуваат за блискиот однос меѓу Трамп и турскиот лидер што не е воопшто изненадување за неговиот афинитет кон авторитарните лидери ширум светот.

Во другите медиуми беше пренесено дека „Трамп во Ердоган пронајде сродна душа. Не само што турскиот лидер го сметал за ’цврст човек кој треба да се почитува’ и ’пријател’, туку Ердоган му даде повод на Трамп барем делумно да го оствари своето ветување за повлекување на американската војска од Блискиот Исток“.

Чувството можеби е заедничко. Дури и апсурдно долгото писмо што Трамп му го испратил на Ердоган минатата недела, во кое му порачал на турскиот лидер да не биде „будала“ и да биде „цврст“, не го наруши зближувањето во односите. Еден турски претставник, кој сакаше да остане анонимен бидејќи нема дозвола да коментира во јавност, за „Вашингтон пост“ изјави дека и покрај недипломатските напори, Трамп знае подобро да поправи проблем за разлика од политичарите во надворешната и безбедносната политика“. Претставникот тврдеше дека понатамошната американска поддршка за СДФ е неодржлива и само „дополнително ги зближува Русија, Иран и Турција“, а ги поткопува долгорочните американски интереси. За разлика од повеќето политичари во Вашингтон, како што тврдеше претставникот, Трамп добро знаел кој е потешкиот предизвик.

Иако аналитичарите веќе ја испланираа неговата наводна капитулација со Анкара, Трамп излезе со спротивна изјава. Пред новинарите, вчера во Тексас, триумфално порача дека „ова е голем ден за САД и голем ден за Турција. Голем ден за Курдите и голем ден за цивилизацијата“.

Но по која цена? Според ООН и извештаите за кршење на човекови права, околу 300.000 лица присилно ги напуштиле своите домови, а најмалку 71 лице загина откако Турција ја започна операцијата во североисточна Сирија.

Превод: Билјана Здравковска