Ангел Димитров / Фото: Приватна архива

Ангел Димитров од ОРМ за новата економска мерка на Владата

Замрзнувањето на цените на основните пренхранбени производи е времена мерка со која се заштитува стандардот на најранливите категории на граѓани, но оваа мерка не може на долг рок да донесе стабилизација на цените, смета Ангел Димитров, претседател на Собранието на ОРМ.

Владата одлучи цените на лебот, шеќерот, брашното од тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8 проценти, 3,2 проценти и од 3,5 проценти, свежо месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата нема да се менуваат до крајот на јануари. Овие производи ќе се продаваат по цени што ги имале до 1 декември годинава, а ако има потреба, како што најави министерот за еконимија Крешник Бектеши, листата на производи може да се прошири.

– На долг рок ваквата мерка може да доведе до недостиг на овие производи на рафтовите, одредено зголемување на сивата економија и други несакани последици. Компаниите кои ги произведуваат овие производи на краток рок се спремни да претрпат одредени загуби за да ја задржат својата позиција на пазарот, но на долг рок ќе го пренаменат производството и со разни шпекулации ќе се обидат да ги намалат загубите – коментира Димитров.

Одлуката за замрзнување на цените на основните прехранбени производи ќе важи штом ќе се објави во „Службен весник“, а тоа се очекува денес. Н.Б.З.