Македонија падна осум места подолу во споредба со лани и се најде на 41 место во светот според Индексот на економски слободи за 2020 година што го изработува фондацијата „Херитиџ“. Споредено со европските земји, Македонија се наоѓа на 23 место.
Падот најмногу се должи на помалата оцена во судската ефикасност. Со тоа, земјата сега се наоѓа во категоријата на умерено слободни економии по три години во категоријата на претежно слободни економии.
Во извештајот се наведува дека и покрај подобрувањата во катастарскиот систем, сè уште постојат проблеми со ограничената судска независност, политизацијата на судското тело за надзор и нееднаквото финансирање на судството. Корупцијата останува сериозен проблем, а за властите се пишува дека прават коруптивни дела без да бидат казнети. На пазарот на труд, има недостиг на вештини и неусогласеност на вештини, што негативно влијаат врз економијата. Во поглед на инвестициите, и покрај реформите, постои бирократија која го забавува динамичкиот пораст на нови инвестиции.
Бугарија е единствената земја од регионот која е подобро рангирана на листата од Македонија и се наоѓа на 36 место. Словенија се наоѓа на 52 место, Косово на 53 место, Албанија на 57 место, a Србија на 65 место. Босна и Херцеговина се наоѓа на 82 место, Хрватска на 84 место, Црна Гора на 91 место, а Грција на 100 место.
Земји со најголеми економски слободи се Сингапур, Хонгконг, Нов Зеланд, Австралија, додека најлоши се Источен Тимор, Туркменистан, Алжир, Сиера Леоне и Екваторска Гвинеја.