Осумдесет домашни микро, мали и средни компании добија грантови во висина од 10,5 милиони евра преку мерките од третиот столб на владиниот план за економски раст. На повикот објавен од Фондот за иновации и технолошки развој се пријавиле 236 компании. Чековите со добиените средства ги врачија премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Ангушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски.

– Компаниите на кои денеска доделуваме грантови се компании кои сакаме да ги видиме извозно ориентирани, успешни во светот, компаниите кои ќе го поддржат економскиот развој- рече Ангушев.

Тој додаде дека големиот број присутни денеска покажува дека Македонија има млади иновативни луѓе.

Премиерот порача дека Владата подеднакво ги помага и домашните и странските компании и оти таа останува нивен партнер и сервис во реализација на нивните планови. 

– Ова нека биде позитивен пример кој ќе ги мотивира и другите компании да создаваат квалитетни проекти и да влезат во инвестиции- порача премиерот и ги повика да имаат доверба во институциите чие функционирање ќе се подобрува и ќе се приближува кон европските стандарди по добивањето на поканата за НАТО.

Директорот на Фондот рече дека со  доделувањето на овие средства е важно дека зад секој 1,4 денар инвестиција од државата, приватната компанија инвестира денар. Истакна дека е важно што компаниите инвестираат. 

Тој потенцира дека пристигнатите апликации се разгледани за многу краток временски период и дека за 33 дена се донесени одлуки.

– Во тие 33 денови навистина видовме добри проекти. Имаме ИТ компании, но и од други сектори. Шеесет проценти се од Скопје и 40 проценти компании од другите градови како Струмица, Неготино, Прилеп…- рече Деспотовски.

Тој очекува втор инвестициски бран да го реализираат многу брзо и најави нов повик на есен. Ги повика дел од компаниите што аплицираа, а не добиле средства да се јават на новиот повик.