Фото: „Нова Македонија“

Бизнис-секторот вели дека македонските власти треба да ги засукаат ракавите за да се пронајдат извори на финансирање за реализација на железничката инфраструктура, особено од меѓународните финансиски извори, бидејќи многу инвестиции за модернизирање на овој сообраќај беа најавени, но во реалноста ситуацијата е поинаква. Македонија поради неразвиеноста на инфраструктурната мрежа не ја искористува предноста што ѝ е дадена

Неопходноста од итно воспоставување здрава железничка линиска инфраструктура (3)

Додека во Европа возот станува најисплатливото превозно средство, а соседството постојано инвестира во нови возови и пруги и во модерни железнички станици, во Македонија замираат железничкиот сообраќај и инфраструктурата. Железничките претпријатија тонат во долгови и наместо кон модернизација на железничкиот сообраќај, се кратат и оние линии што останаа, а патниците сѐ повеќе го избегнуваат, додека, пак, бизнисмените сѐ потешко се справуваат со проблемите на железничкиот транспорт. Некои експерти, пак, со години ја туркаат опцијата за либерализација на железничкиот превоз во земјава како „излез од слепиот колосек“.

Да се засукаат ракавите!

Бизнис-секторот вели дека македонските власти треба да ги засукаат ракавите за да се пронајдат извори на финансирање за реализација на железничката инфраструктура, особено од меѓународните финансиски извори, бидејќи многу инвестиции за модернизирање на овој сообраќај беа најавени, но во реалноста ситуацијата е поинаква. Македонија поради неразвиеноста на инфраструктурната мрежа не ја искористува предноста што ѝ е дадена. Експертите велат дека треба засилен ангажман и дека со развојот на железницата ќе се подобрат инфраструктурните услови за зголемување на странските инвестиции во нашата држава и ќе се отворат можности за подинамичен развоен циклус на Македонија и на целиот регион.

Огромниот износ на инвестициите бил проблем?!

Според професорот Абдулменаф Беџети од Универзитетот на Југоисточна Европа, железничкиот транспорт има повеќе предности, како релативно поевтин превоз на стока, можност за транспорт на кабасти стоки, брзина и слично.
– Заостанувањето на реализацијата на патниот и железничкиот коридор 8 е последица на недоволната фреквенција на користење, како и екстремно големиот обем на потребни фондови за таа реализација, но има влијание и притисок од Европската Унија за приоритет на коридорот 10 поради структурата на економијата во надворешната размена во правците север-југ – објаснува Беџети.
Тој нагласува дека коридорот осум е од големо значење не само за земјава туку и за регионот, но дека проблем за негово комплетирање, како за автопатот така и за железничката инфраструктура, е огромниот износ на инвестициите.

Немаме излез на море, а не развиваме ниту железница: Билет за апсолутна изолација

Професорот Зоран Кракутовски од Градежен факултет вели дека железничкиот транспорт е особено важен за државите без излез на море, како што е Македонија, затоа што големата меѓународна размена на стоки во најголем обем се врши преку водниот транспорт, кој е најевтин, кога се пресметува по единица превезено количество, а по него е железницата.
– Транспортот има огромно влијанието врз економијата. Секоја транспортна инфраструктура изградена во просторот е оригинална и единствена градежна градба, која го структурира и обележува просторот на долг временски период. Просторните локации што ги избираат фирмите за градба на производствени капацитети во голема мера зависат од пристапноста до транспортната инфраструктура и квалитетот на транспортот што се нуди. Перформансите, конкурентноста и профитабилноста на компаниите директно зависат од висината на транспортните трошоци – посочува тој.
Според него, меѓународната стоковна размена е особено важна за македонската економија, која е отворена кон странските пазари и која стратегиски е насочена кон привлекување странски инвестиции и нови технологии.
– Територијата на државата е позиционирана на транзитните меѓународни маршрути за превоз и преку размена на луѓе, идеи, знаења и капитал се доаѓа до забрзан економски раст – појаснува професорот.


Особен акцент на конечното завршување на пругата кон Бугарија

Меѓународната заедница по подолго време покажува интерес за реализација на патниот и железничкиот коридор 8, кој од страна на Европската Унија во мај 2023 година беше вметнат во мапата на главните коридори во рамките на трансевропската транспортна мрежа на ЕУ. Ова практично значи дека за коридорот 8 во иднина ќе има многу повеќе можности за негово финансирање, како од страна на ЕУ, така и од страна на другите меѓународни финансиски институции.
ЕУ ја покажа својата посветеност во поддршката на земјава за изградбата на коридорот 8. Ваквата поддршка, засега, наменета е првенствено за железничкиот коридор 8, со особен акцент на конечното завршување на пругата кон Бугарија.
Кон крајот на декември 2023 година, на сајтот за јавни набавки на ЕУ беше распишан тендерот за изградба на третата фаза од железничкото поврзување меѓу Македонија и Бугарија, на потегот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. Делницата од Крива Паланка до Бугарија е долга 27,5 километри, а вклучува 22 тунела, во вкупна должина од околу девет километри, и уште 52 мостови, во должина од пет километри.
Токму ЕУ обезбеди најголем дел од средствата што се неопходни за изградбата на трите фази од пругата кон Бугарија. Само за најтешката фаза, од Крива Паланка до границата со Бугарија, обезбедени се над 500 милиони евра, и тоа по 175 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), 149,2 милиони евра како инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ) на ЕУ и 60,2 милиони евра од програмата ИПА 2 на ЕУ.
Периодот до кога треба да се изгради третата фаза е пет години, односно до крајот на 2029 година ќе стане реалност патувањето меѓу Скопје и Софија со воз.
Во меѓувреме, на терен продолжува изградбата на првата и втората фаза од пругата на потегот од Куманово до Крива Паланка. Сепак, од власта се категорични дека првата фаза од пругата до Бељаковце ќе се заврши во првичниот рок – до крајот на 2024 година.
И Европската комисија во извештајот за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ за 2023 година им посочи на македонските власти дека треба итно да се забрза изградбата на железничкиот коридор 8, со посебен акцент на распишување на тендерот за изведба на третата фаза.