Фото: Игор Бансколиев / Илустрација

Македонија има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви, граѓаните да бидат смирени, не се очекува ценовен шок на основните прехранбени производи, порачаа денеска од Владата. Истакнуваат дека со државните институции ја следат состојбата на дневна основа и ги преземаат сите мерки за да се зачува стандардот на граѓаните.

Како што соопшти владината прес-служба, моментно нема потреба да се стават во функција стоковите резерви, имајќи предвид дека производителите на основните производи имаат залихи за период од над 35 дена, не вклучувајќи ги деновите со кои може да се покриваме преку државните резерви.

Продолжуваме со снабдување на државните резерви, како што е предвидено во годишната програма, а како Влада ги разгледуваме и евентуалните потреби за дополнително зајакнување на динамиката на резерви, доколку има потреба од такво нешто, велат од Владата.

Истовремено апелираат трговците да ја почитуваат владината одлука за трговските маржи, бидејќи, потенцираат, од оваа одлука нема никој да загуби.

Според Владата, граѓаните треба да бидат сигурни и во најавите на Централната банка која изминатите денови информираше дека девизниот курс на денарот е стабилен и таков ќе остане. Оваа монетарна стратегија на стабилен девизен курс на денарот, укажуваат, е соодветна стратегија во линија со фундаментите на македонската економија. Согласно оваа потврда за стабилноста на курсот се девизните резерви кои се клучната алатка при ваков тип на монетарната стратегија кои според последно расположливите податоци изнесуваат околу 3,4 милијарди евра што е двојно повисоко ниво во однос на 2008 година на глобалната финансиска криза, наведуваат од Владата.

Информиарат и дека се во редовна комуникација со сите релевантни општествени чинители, како и со меѓународните институции, Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, за евентуално доколку има потреба да се користат инструменти кои ќе помогнат во финансирањето на трошоците во економијата на земјата.