Фото: Министерство за економија

Во текот на утрешниот ден ќе биде објавен тендерот за избор на изведувач за изградба на интерконекторот за природен гас меѓу Македонија и Грција, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

-Утре се објавува тендерот за почнување на изградба на новиот гасен интерконектор со Република Грција што ќе ни даде одлична можност како држава постепено да направиме енергетска транзиција, особено во делот на работата на РЕК Битола и РЕЦ Осломеј. Гасот ќе се користи како транзициски енергенс до 2040 година и ќе биде последниот проект од фосилни горива што го инвестираат ЕБОР и ЕИБ – рече Бектеши на денешниот брифинг за новинари во пресрет на СОР28.

Дополнително, додаде, во спецификацијата од страна на „Номагас“ е предвидено во иднина откако ќе се развие технологијата во нашата држава двете термоелектрани да се пренаменат на водород.

Предвидено е гасниот интерконектор да биде во должина од 123 километри и да се протега од Неа Месимвриа до Неготино преку Гевгелија и да ги поврзува двата национални системи за пренос на природен гас. Гасниот интерконектор треба да биде завршен до средината на 2025 година.

Грчкиот оператор за природен гас ДЕСФА го презеде и управувањето со проектот за делот од гасоводот што ќе минува низ Северна Македонија, откако беше избран на тендерот објавен од државната компанија „Номагас“.

Како што истакна Бектеши, во моментов имаме фотонапонски централи од над 600 мегавати вклучени на мрежа, до март се очекува да се вклучат дополнителни 150 мегавати од ветерни електрани.

– Со договорот со ЕБОР презедовме задача да не отвораме нови копови на јаглен што позитивно ќе придонесе за животната средина, а можно е во скопскиот регион да има нова топлинска или когенеративна централа на гас која ќе произведува и топлинска и електрична енергија – рече Бектеши.

Посочи дека транзицијата на енергетиката во наредните пет до десет години ќе чини неколку милијарди евра. Тоа, како што кажа, нема да бидат средства само од државата туку и од приватниот сектор. Затоа, додаде, целата легислатива ја правиме со цел да го отвориме пазарот особено во делот на склад на енергијата односно со батериите за електрична енергија и зајакнувањето на преносната мрежа. Додаде дека земјава во наредните пет години ќе мора да изгради дополнителен интерконектор во делот на преносната мрежа и да го заврши интерконекторот со Албанија кој е веќе почнат преку МЕПСО. Веќе, како што кажа, се прави план за дополнителен интерконектор во делот на преносната мрежа со Грција за да можат сите капацитети кои се во делот на обновливи извори да извезуваат и на надворешните пазари, а не само да продаваат на македонскиот пазар.

-Македонскиот пазар согласно динамиката на зголемување на БДП и потрошувачката на електрична енергија за која имаме намера да ја намалиме што е можно повеќе, ќе има поголем капацитет од тоа што е потребно да се пласира на домашниот пазар – посочи Бектеши.

Од мај до октомври, како што рече, домашната потрошувачка на електрична енергија не надминува повеќе од 700 мегавати на час, а тоа може да се обезбеди само од фотонапонските централи доколку времето е поволно за нивна работа. На тој начин за баланс на енергија ќе ни биде потребен само еден блок од ЕСМ што би влијаело негативно во делот на ефикасноста и стабилноста на ЕСМ за да работи во наредните години.

Порача дека до 20230 година само во секторот енергетика ќе се направат инвестиции од над три милијарди евра во кои ќе биде вклучен и приватниот сектор.

-Најавена е поддршка од четири милијарди евра од страна на Европската Унија за да се ослободиме од јагленот. Токму денеска министерот за финансии Фатмир Бесими со тим од различни институции е во Брисел и разговара за динамиката и за средствата кои ќе бидат употребени за нашата држава. Во склоп на СОР директно ќе бидеме поддржани од страна на ЕБОР и Светска банка. Ќе ја разгледаме и можноста да привлечеме средства и од други институции – рече Бектеши.

Нагласи дека стратешките документи кои веќе ги имаме во државата ќе одлучат кои се приоритетите проекти што ќе се реализираат за декарбонизација.

-Во Стратегијата за развој на енергетика до 2040 година се предвидени лепеза од мерки кои треба да бидат реализирани пред да се усвои планот за СОР28. Сите институции доставија свои приоритети согласно рамката што ја имаме одобрено од ЕБОР и Светска банка во вредност од 85 милиони евра. Голем дел од тие средства ќе бидат во вид на грант, а еден дел ќе биде во вид на поволни кредити- прецизира Бектеши.