Нарушено е основното право на слобода во движењето надвор од земјата, а предизборниот и изборниот период и неможноста да се прават различни јавни набавки го дополнуваат оправданиот страв од стравотна загуба кај туристичките агенции
Промената на личните документи и налепниците со силен негативен удар во секторот туризам
Превозниците и туристичките агенции се пред нови проблеми поради налепниците со новото име на државата, а некои од возачите сѐ уште ги немаат сменето патните исправи и возачките дозволи, но и поради многубројните граѓани туристи што немаат нови патни исправи. Тие очекуваат државата што побрзо да најде некакво ефикасно решение како да се излезе од хаосот поради старите регистарски таблички, како и патните исправи и возачките дозволи. Голем предизвик за туристичките агенции се патните исправи на граѓаните, од агенциите велат дека очекуваат многу поголема хаотичност во однос на патувањата, како и откажување аранжмани во споредба со периодот кога беше пандемијата на ковид-19.
Песимизмот преовладува, состојбата е неизвесна
Од туристичката агенција „Савана“ велат дека во овој момент има многу резервации во поглед на целата ситуација, но како изминува секој ден песимизмот преовладува бидејќи состојбата е неизвесна.
– Доколку продолжи оваа состојба и динамика на вадење на пасошите, или доколку некои земји доброволно не се изјаснат, како што направија одредени земји, а тоа е да нѐ прифатат со моменталните важечки пасоши, во тој случај секако дека целиот сектор туризам ќе претрпи голема криза. Не знам колку е можно и дали тоа зависи од нас т.е. од нашата влада да одлучи да го продолжи рокот на важност на пасошите барем до крајот на годинава, а со тоа ситуацијата драстично би се подобрила – истакнува Ана Богоевска, менаџерка за резервации во „Савана“.
Што се однесува на пролетните аранжмани, таа додава дека веќе има некои откажани осмомартовските аранжмани, а за подоцна објавените, за Велигден и 1 Мај, резервираат само патници што веќе имаат нови пасоши.
– Секако, нас тоа нѐ прави да бидеме претпазливи и да бидеме ограничени во понудата, да не биде голема, бидејќи сме свесни дека многу патници немаат пасоши – посочува Богоевска.
Како што вели таа, во овој период има многу промотивни аранжмани и понуди за рани резервации за летните одмори што се условени со уплата на неповратен депозит.
– Голем број наши клиенти не сакаат да ризикуваат, под влијание на несигурната состојба во моментот, што придонесува оваа состојба со пасошите директно да влијае на бројот на резервации во овој период, кој е намален за разлика од минатата година, а со тоа нашиот сектор трпи одредени загуби. Со тоа и самите патници се во загуба, пропуштајќи солидни понуди, кои подоцна ќе бидат повисоки за 25-30 отсто – објаснува Богоевска.
Туристичките агенции немаат никакви информации од државата
Од туристичката агенција „Ариес“ во Битола објаснуваат дека во моментов сѐ уште немаат откажани аранжмани, но сепак се во неизвесност како ќе се одвива нивната работа во иднина.
– Ова е време кога се договараат и резервираат летните одмори. Луѓето не знаат каде ќе патуваат и дали воопшто ќе можат да патуваат, не можат да одлучат сега да резервираат, не знаат кога ќе имаат патни исправи. Проблематична е и моменталната состојба, државата како да не знае кои сѐ се надвор од земјата и треба да се вратат. Агенциите немаат никакви информации од државата – велат од „Ариес“
Нарушено е основното право на слобода во движењето надвор од земјата, а предизборниот и изборниот период и неможноста да се прават различни јавни набавки го дополнуваат оправданиот страв од загуба кај туристичките агенции.
– Загубите се немерливи, не само кај нас туристичките агенции, кои нормално дека ќе имаме загуба, затоа што луѓето нема да можат да ги остварат своите планирани патувања. Но да не зборуваме само за туризмот, тука имаме и деловни патувања, луѓе што работат во странство, кои имаат потреба да патуваат. Загубите ќе бидат големи – објаснуваат од „Ариес“.
Забележително намален број заинтересирани граѓани за патување во странство поради патните исправи
Според Дончо Нацев од туристичката агенција „Арбо травел“, целата замена на документите со новото име на државата отвори уште еден проблем, а тоа е намалениот број заинтересирани граѓани за патување во странство бидејќи сите не ги замениле патните исправи.
– Патувањата за 8 Март веќе се десеткувани поради тоа, а како резултат на тоа имаме помал број автобуси што можат да возат во странство поради налепниците. Аранжманите се активни од 3 март, а ние ги немаме налепниците. Дополнително, проблем ни прави и тоа што нашите вработени, кои се дел од турите – туристичките водичи и другите вработени што одат со секој тура, не успеаја да ги заменат патните исправи, а возачите и возачките дозволи. Сето ова може да ги доведе во прашање и претсезонските аранжмани, кои веќе се во тек – вели Нацев.
Според него, туризмот по вторпат за неполни четири години се соочува со криза во работењето.
– Само што се понадевавме дека излеговме од загубите направени за време на кризата поради ковид-19 и ни се отвори можноста да се избориме со конкуренцијата, сега сме соочени со нова, која ни ја направи државата со промена на патните документи и регистарските таблички со новото име на државата. Ние предложивме, но државата не прифати, нашите вработени да имаат приоритет при издавањето на патните исправи и регистарските таблички бидејќи сме стопанска гранка. Некои од туристичките работници имаат закажани термини и за брзо вадење на исправите, но и таму се чека, па проблемите нема да запрат само со доцнењето на налепниците – вели Нацев.