Фото: Игор Бансколиев

Со литургија и закројување на лозите, винарницата „Стоби“ го одбележа Свети Трифун, заштитникот на виното и винарите

ОДБЕЛЕЖАН ПРАЗНИКОТ СВЕТИ ТРИФУН

Традиционално, како и секоја година, и вчера, на 14 февруари, по повод празникот Свети Трифун, заштитникот на грозјето, беше организирано закројување на виновата лоза насекаде низ земјата. Наедно, овој празник беше повод да се одржи традиционалното закројување и осветување на виновата лоза и во винарницата „Стоби“, оваа година по 13-ти пат. Годинава, слично како и минатата, поради мерките за заштита од ковид-19, закројувањето и осветувањето на лозјата се организираа во согласност со протоколите, односно меѓу помал број гости и посетители.
Како што посочуваат претставниците на винарницата, оваа година на традиционалното закројување на лозјето „изостануваше масовното присуство на граѓани, кои со исклучително квалитетно вино, богата трпеза и убава музика се традиција и белег на закројувањето во винарницата“. Оттаму посочуваат дека овој пат одмерено и дискретно, но со висока доза духовност и посветеност кон виното и филозофијата на „Стоби“, закројувањето се одржа во присуство на сопственикот на винарницата и блиското семејство, секако придружени и од раководниот тим на винарницата.

– Овој ден за нас е посебен, 13-та година по ред го славиме овој за нас значаен празник, наедно и роденден на винарницата. Се надеваме на бериќетна година, и следната да го прославиме празникот Свети Трифун заедно со сите љубители на вино – истакна сопственикот на винарницата „Стоби“, Минчо Јорданов.Иако оваа година традиционалната масовност на прославување изостана, сепаквинарницата „Стоби“ со желба да ја одржи и оваа традиција, организира повеќе промоции на виното низ земјата.Генералниот директор на холдинг-компанијата „Перминдекс“, за винарницата „Стоби, млекарницата „Галичник“, „Црвени Брегови“ и „Вардар Градско“, Никола Деребанов, објаснува дека иако веќе втора година изминува откако нашата земја и светот се во пандемија, која создаде големи предизвици и проблеми во нормалното функционирање на бизнисите, сепак, тоа не влијаело на пласманот и извозот на вината произведени во винарницата „Стоби“, која и понатаму работи успешно. Наедно, Деребанов за „Нова Македонија“ посочи дека од оваа, 2022 година започнува лансирањето нова линија на вина наречена „македон“.

– Новата линија на вина го носи името „македон“ и некои од нив веќе можат да се дегустираат во некои од нашите поексклузивни ресторани, хотели или кафулиња. Засега вината „македон“ ќе можат да се купуваат само во секторот ХОРЕКА, а истите тие во текот на оваа година ќе почнеме да ги пласираме и на сите извозни пазари каде што веќе извезуваме од нашата широка палета на вина. Конкретно, вината „македон“ веќе неколку години се произведуваат, но првично беа наменети за извоз само во Соединетите Американски Држави. Сега ќе го прошириме пласманот на вината и се надевам на успех и прифаќање од љубителите на вината како и досега – појаснува Деребанов.

Винарницата „Стоби“ годишно произведува 4,5 милиони литри висококвалитетно вино, од кои само 24 отсто се пласираат на домашниот пазар, а дури 76 проценти се наменети за извоз на 18 пазари од регионот и светот. Најголеми извозни пазари се Кина, САД и Русија, но значителна продажба остваруваат и во европските држави Холандија, Данска, Белгија и земјите од регионот.
Традиционалното закројување винова лоза по повод празникот Свети Трифун се одржа низ цела држава. Премиерот Димитар Ковачевски на закројувањето на лозјето во селото Трстеник, во близината на Росоман, истакна дека, и покрај кризата, во текот на минатата година биле регистрирани зголемен откуп на грозје и зголемен извоз на вино од нашата земја, кое достигнало ниво до 49 милиони евра. Одбележување на празникот имаше и во Демир Капија, Кавадарци, поточно низ целиот Тиквешки Регион, но и другите региони во земјава каде што има засадено винови лози и каде што се одгледува грозје.