Фото: Игор Бансколиев

Тоа што во општествата постои слој што не заработува доволно за да ја финансира/покрива потрошувачката кошница не е случај само кај нас. Според соговорниците со кои се консултиравме, „секогаш имало и ќе има таков слој, но факт е дека кај нас тој општествен слој (над 100 илјади жители) е доста широк, што покажува дека сиромаштијата е структурална и не може да се реши преку акции на замрзнување цени, затоа што тоа ги опфаќа и другите слоеви на население, како низок социјален слој, средно низок, па и средниот општествено-социјален слој на населението“.
Во секој случај, мора да се наоѓаат инструменти за целни мерки кон тие што се најмногу погодени со таа структура и динамика на кошницата…

Нагорен тренд на сиромаштијата во
Македонија, се приближува до 25 отсто

Синдикалната минимална кошничка за четиричлено семејство за септември изнесува 48.379 денари, покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Споредено со претходниот месец, минималната синдикална кошница е намалена за 966 денари, што, според ССМ, е резултат на загарантираните цени на прехранбените производи.
– Со зголемувањето на ДДВ на многу производи повторно ќе дојде до зголемување на вредноста на потрошувачката кошничка, односно претходната мерка на загарантирани цени на основните прехранбени производи нема да има никаков ефект – велат од ССМ.
Оттаму нагласуваат дека 120.000 граѓани не заработуваат ниту половина од потребното за основните трошоци, односно се на минималец и очекуваат понатамошно зголемување на стапката на сиромаштија на населението до 25 отсто.
– Потребни се брзи и сериозни мерки во областа на економијата преку нови инвестиции и вложувања, развој на нови производствени капацитети, зголемување на поддршката и субвенционирање одделни стопански области, што ќе доведе до зголемување на платите и намалување на сиромаштијата на населението – нагласуваат од ССМ.

Зголемувањето на ДДВ директно влијае на зголемување на цените и на инфлацијата во земјата

Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, вели дека колку зголемувањето на ДДВ од 5 на 10 отсто ќе влијае на зголемување на потрошувачката кошничка зависи од тоа колку тие производи се застапени во споменатата потрошувачка кошничка. Во секој случај, зголемувањето на ДДВ директно влијае на зголемување на цените и на инфлацијата во земјата.
– Очигледно е дека политиката да се покачат платите и социјалните трансфери за да се зголеми потрошувачката и така да се добие поголем економски раст не даде резултати. Растот на платите мора да ја следи продуктивноста, секое покачување на платите и социјалните трансфери што не е поврзано со зголемувањето на производството на производи и услуги неминовно води до инфлација – посочува Димитров.
Според него, покачувањето на минималната плата ја достигна црвената линија и секое нејзино покачување над порастот на инфлацијата доведува до големи проблеми во мотивираноста на добрите работници.
– Сведоци сме дека во јавната администрација се случи неколку категории на работници да земаат иста плата, иако сложеноста на работата и одговорноста се различни. Кај инфлацијата е многу важно да се сфати дека трката на платите со инфлацијата доведува до нестабилност на среден и долг рок и инфлацијата почнува самата себе да се храни. Така е најмногу поради феноменот на очекувана инфлација. Граѓаните брзаат да набават производи пред да поскапат, што доведува до вештачки раст на побарувачката, која ја храни инфлацијата. Компаниите брзаат во своите цени да ја вградат идната инфлација, затоа што се плашат дека парите што ќе ги земат од сегашната продажба нема да бидат доволни за набавка на нови суровини по зголемени цени – посочува Димитров.
Според Димитров, замрзнувањето на цените мора да биде на краток рок, затоа што може да доведе до други проблеми, како што е намалување на квалитетот, недостиг од некои производи и затворање компании.
– Најважно од сѐ е како да ја зголемиме понудата, особено да го зголемиме производството на храна и енергенти. Досегашните субвенции во земјоделството не дадоа резултати, а увозот на храна се зголемува. Затоа мораме итно да ги промениме критериумите за субвенционирање, а земјоделството да го направиме атрактивно за младите луѓе – истакнува Димитров.

Реформи, реформи,реформи

Како што објаснува Ангел Димитров, претседател на собранието на Организација на работодавци на Македонија, зголемување на конкурентноста на нашите компании, поголемо производство и извоз не се можни ако не се направат реформи на институциите и јавната администрација и ако не се подобри управувањето со јавните претпријатија.
– Најголемиот проблем се јавува со високата партизација и вработувањето нестручни партиски кадри. Од друга страна, борбата со корупцијата и владеењето на правото мораме од теоретска да ја направиме практична. На крајот, но и најважно, е да направиме реформи во образованието, да го подигнеме квалитетот во образованието и да го поттикнеме претприемаштвото кај младите. Само така можеме да отвораме нови компании и да ги развиваме постојните – потенцира Димитров.
Според универзитетскиот професор и академик Абдулменаф Беџети, првобитното сеопфатно покачување на ДДВ (од 5 на 10 отсто) за листата на дел од базичните прехранбени цени беше контрадикторно, поради што, како што додаде тој, и самата влада призна и направи одредена корекција, што покажува дека Владата има слух за вакви потреби.
– Тоа што над 100 илјади жители не заработуваат доволно за да ја финансираат потрошувачката кошница не е случај само кај нас. Секогаш имало и ќе има таков слој, но факт е дека кај нас тој општествен слој е доста широк, што покажува дека сиромаштијата е структурална и не може да се реши преку акции на замрзнување цени, затоа што тоа ги опфаќа и другите слоеви т.е целото население, што не треба да биде така. Мора да се наоѓаат инструменти за целни мерки кон тие што се најмногу погодени со таа структура и динамика на кошницата – воочува Беџети.
Како што појаснува тој, во вакви случаи можеби е поефикасно некое дополнително субвенционирање на тие семејства преку нивно целење сѐ додека состојбите се вакви, а не преку сеопфатни мерки што ќе ги привилегираат и тие на кои не им е потребно тоа, макар тие биле еднократни или, пак, тримесечни временски субвенции.
– Повисоките плати се широка тема. Не е добро преку административни зголемувања, туку да се поврзува со мотивирање на продуктивноста, која сѐ уште е далеку пониска од ЕУ. Мора да се работи на инвестиции и поттикнување иновации за зголемување на продуктивноста, како и на поддршка на производствени капацитети каде што ние имаме мала продуктивност. Сѐ друго е вештачки и не е економски одржливо – укажува Беџети.